Киднапирани четири лица на Филипините

Четири лица се киднапирани од туристички центар во јужниот дел на Филипините од страна на вооружена група луѓе.

Меѓу киднапираните има двајца Канаѓани, еден Норвежанец и една Филипинка.

Во соопштението на воените власти се вели дека грабнувањето се случило во понеделникот околу полноќ во познатото одморалиште „Холидеј Оушнвју“ на малиот остров Самаи, недалеку од брегот на Минданао.

Грабнатите биле цел на напаѓачите

Властите се уште не го знаат идентитетот на грабнувачите, кои побегнале со чамец, но веруваат дека не станува за киднапирање поради откуп, туку дека четворицата грабнати биле цел на напаѓачите.

Од почетокот на 90-те години на 20-от век, реонот на јужните Филипини се соочуваше со повремени инциденти со киднапирање, што ги извршуваа разни муслимански групи кои подоцна бараа откупнина за да ги ослободат грабнатите, главно странски туристи.

Филипинските власти соопштија дека грабнатиот Норвежанец бил менаџер на одморалиштето, додека Филипинката била партнерка на еден од двајцата Канаѓани.

Двајца јапонски туристи кои се нашле на местото во моментот додека напаѓачите ги грабнале четворицита киднапирани, се обиделе да го спречат грабнувањето.

Војската воведе поморска блокада околу островот Самаи, во обид да спречи киднаперите да избегаат на некои од подлечните острови, кои важат за упоришта на муслиманските групи, пренесува МИА.

Последниот ваков инцидент бил во 2001 година

Островот Самаи последниве години важи за безбедно место, затоа што последниот ваков инцидент се случи во 2001 година, кога исламистичката група Абу Сајеф грабнуваше туристи и ги држеше по кампови на разни одалечени острови.