Киднапираниот германски новинар во Славјанск е ослободен

Еден од меѓународните набљудувачи, кои беа киднапирани од проруски сепаратисти во источно украинскиот град Славјанск изјави денеска на прес-конференција дека сите во групата се во добра здравствена состојба.

Германскиот полковник Аксел Шнајдер изјави дека „никој не го допрел“ и дека немало физичко малтретирање врз групата набљудувачи.

„ Сите европски офицери се во добра здравствена состојба и никој не е болен, истакна тој и додаде дека секој од нив сака да се врати во својата земја, но сè уште не знаат кога ќе бидат ослободени. Со нас се однесуваат добро и нашата безбедност е гарантирана од градоначалникот на градот Вјачеслав Пономаров, кој ни вети дека нема да ни биде нанесена никаква штета. Според наша проценка ветувањето на градоначалникот ќе се почитуваат се додека се наоѓаме во овој град и никој нема да ни наштети“ рекол Шнајдер.

Следејќи го Пономаров на прес-конференцијата осуммината набљудувачи, кои беа киднапирани во петокот од проруските сепаратисти, биле облечени во цивилна облека и влегле во салата во која им беа претставени на околу 60 новинари.

Самопрогласениот градоначалник Пономаров претходно изјави дека набљудувачите на ОБСЕ се воени заробеници и додаде дека еден од 13-те заробени лица, возачот на групата, бил ослободен.

Заробени останале осум европски државјани и четворица украински војници.

„Во нашиот град, кој се наоѓа во состојба на војна, војниците, кои тука пристигнуваат без одобрение, се сметаат за воени заробеници“ нагласи Пономаров.

Тој рече дека заробениците нема да бидат ослободени, освен во замена за ослободувањена проруските вооружени активисти, уапсени од украинските власти.