Свет

Киднапирањето и откупот глобален бизнис за муџахедините

Киднапирањето и откупот глобален бизнис за муџахедините

Иако европските влади не признаваат дека плаќаат откуп, едно истражување спроведено од страна на „Њујорк тајмс“ открива дека од 2008 година Ал Каеда и нејзините подружници зеле најмалку 125 милиони долари од киднапирања, од кои 66 милиони долари се исплатени минатата година

Во објавените вести и изјави, Министерството за финансии на САД наведува суми на откуп кои изнесуваат околу 165 милиони долари во текот на истиот период. Според неколку интервјуа на оваа тема со заложници, преговарачи, дипломати и владини претставници од 10 земји во Европа, Африка и на Блискиот Исток, тие исплати биле направени исклучително од европските влади, кои плаќале преку прокси сервер, а понекогаш ја маскирале целата работа за да изгледа како помош за развој. Исто така, минатата година е откриена внатрешноста на бизнисот со киднапирање кога илјадници страници на интерни документи на Ал Каеда беа пронајдени од еден новинар за време на неговата должност за „Асошиејтед прес“ во северниот регион на Мали.

Во првите години Ал Каеда добивала пари од богати донатори, но сега, според официјалните лица за борба против тероризмот, таа ги финансира своите регрути и обуки и купува оружје со пари што се платени за откуп на Европејци. Со други зборови, Европа ненамерно стана осигурителна компанија на Ал Каеда. Министерствата за надворешни работи на Австрија, Франција, Германија, Италија и на Швајцарија негираат дека им плаќале на терористите. Сепак, фактот дека Европа и нејзините посредници продолжуваат да плаќаат откуп создаде еден маѓепсан круг.

svet2

Киднапирањето за откуп стана нај­значајниот извор за финансирање на терористите. Секоја трансакција охрабрува наредна – изјави во еден говор во 2012 година Дејвид С. Коен, потсекретар на Министерството за финансии на САД задолжен за тероризам и финансиско разузнавање. И бизнисот цвета – додека во 2003 година киднаперите добивале околу 200.000 долари по заложник, сега тие бараат до 10 милиони долари, пари кои вториот по команда на централното раководство на Ал Каеда неодамна ги опиша како половина од неговиот оперативен приход.

„Киднапирањето заложници претставува лесен плен, тоа можам да го опишам како трговија со драгоцено богатство“, напишал лидерот на Ал Каеда на Арапскиот Полуостров, Насер ал Вухајши.

Според заложници и високи официјални лица за борба против тероризмот, за да го ​​минимизираат ризикот за своите борци, терористичките подружници ангажираат криминални групи да ги извршат киднапирањата, а преговарачите земаат 10 проценти од откупот поттикнувајќи ги двете страни на Медитеранот да ја зголемат вкупната исплата. Нивниот деловен план вклучува постепен процес на преговори, почнувајќи со долги периоди на тишина за да се создаде паника. Заложниците потоа се прикажувани на видеа, на кои ја молат својата влада да преговара. Иако киднаперите се закануваат дека ќе ги убијат нивните жртви, едно истражување на познати случаи открива дека само мал процент од заложниците на Ал Каеда биле егзекутирани во последните пет години, што претставува значаен пресврт од пред една деценија кога на интернет редовно се појавуваа видеа што прикажуваа обезглавувања заложници на терористичката група во Ирак. Сега групата сфати дека може да ја унапреди каузата на џихадот со тоа што не ги убива заложниците туку ги разменува за затвореници и за куфери со пари.

svet 1

Само мал број земји, предводени од САД и од Велика Британија, се против плаќањето откуп. Иако и двете држави имаат преговарано со екстремистички групи – што беше и неодамна потврдено со размената на талибанските притвореници од затворот Гватанамо за американскиот војник Боув Бергдал – тие имаат повлечено линија кога станува збор за откуп. Тоа е одлука што има кобни последици. Додека десетици Европејци биле ослободени без никакви повреди, само неколку американски или британски државјани се вратиле живи. Неколкутемина среќници успеале да избегаат или биле спасени од специјалните единици. Останатите се егзекутирани или се заробени на неодредено време. Во десетиците киднапирања од страна на Ал Каеда секогаш постоеле закани за егзекуција на секој од заложниците, поткрепени со заканувачки видеа на кои жртвата стои до вооружени муџахедини. Според анализата на „Тајмс“, всушност, многу мал процент од заложниците – 15 проценти – биле егзекутирани или умреле од 2008 година, од кои неколкумина умреле во неуспешни спасувачки операции. Преговарачите веруваат дека подружниците на Ал Каеда имаат утврдено кои влади плаќаат откуп. Од 53 заложници на официјалните подружници на Ал Каеда во изминатите пет години, една третина биле Французи, додека повеќе од 20 проценти од жртвите доаѓаат од помали држави, како Австрија, Шпанија и Швајцарија, кои немаат големи иселенички заедници во земјите каде што се случуваат киднапирањата. Спротивно на тоа, познато е дека само тројца Американци биле киднапирани од Ал Каеда или нејзините подружници, што претставува само 5 проценти од вкупниот број.

За мене е очигледно дека Ал Каеда ги избира жртвите по националност. Заложниците се инвестиција, а вие сигурно нема да инвестирате ако не сте сигурни за исплатата – изјави Жан-Пол Рује, директор на Женевскиот центар за обука и анализирање на тероризмот, кој помогна да се формира програмата за борба против тероризмот во Швајцарија.

Западните земји потпишаа голем број договори повикувајќи да се стави крај на плаќањето откуп, вклучувајќи го и самитот на Г-8 минатата година, каде што некои од најголемите плаќачи на откуп во Европа потпишаа декларација дека се согласуваат да се искорени таа практика. Сепак, според заложниците ослободени оваа година и искусните преговарачи, владите во Европа – особено во Франција, Шпанија и Швајцарија – продолжуваат да бидат одговорни за некои од најголемите исплати на откуп вклучувајќи го и откупот од повеќе од 30 милиони евра, платен минатата есен за слободата на четворицата Французи заробени во Мали.

svet

Кој го извршува киднапирањето?

Киднапирањата ги извршуваат повеќето од исламските терористички групи. Исламската држава во Ирак и Сирија (ИСИС) неодамна го привлече вниманието кон терористичките киднапирања со видео од ужасното обезглавување на американскиот новинар Џејмс Фоли. Терористичката група тврди дека обезглавувањето било одмазда за американските воздушни напади, но таа, исто така, бараше огромна сума од 132 милиони долари за ослободувањето на Фоли. Во последниве неколку месеци ИСИС има обезбедено милиони долари за ослободување други заложници – тактика што ја има усвоено од Ал Каеда, од која се оддели во февруари оваа година. Трите главни подружници на Ал Каеда – Ал Каеда во исламскиот Магреб, Ал Каеда на Арапскиот Полуостров и Ал Шабаб – од 2008 година наваму имаат извлечено околу 165 милиони за заложници.

Кога почна Ал Каеда да се занимава со киднапирање?

Порано терористичката група се потпирала на донации од богати симпатизери, но како што Западот станал построг во однос на тие приходи – со замрзнување на банкарските сметки и убиството на финансиерите на Ал Каеда со напади со беспилотни летала – раководството на Ал Каеда се сврти кон киднапирање. Од 2008 до 2009 година бројот на заложници во Авганистан се зголеми од 584 на 2088, а во Пакистан од 1264 на 3366. Вистинските пионери, сепак, биле Ал Каеда во исламски Магреб (АКИМ). Во 2003 година групата киднапирала 32 европски туристи во низата напади во алжирската пустина. Очекувајќи операцијата да трае само две недели, киднаперите биле речиси комично некомпетентни: за брзо време снемале храна и гориво, па ги оставиле белешките за откуп под карпа некаде во средината на пустината. Сепак, европските влади на крајот им платиле 6,5 милиони долари. АКИМ ги инвестирала парите во подобра опрема и во усовршување на уметноста на киднапирање западњаци.

Кој е начинот на работа на Ал Каеда?

Наместо да брка државни службеници или директори на корпорации, АКИМ посегнува по секого – новинари, хуманитарни работници, туристи – и бара откуп од владите на заложниците. АКИМ ангажира локални криминалци да ги извршат киднапирањата. Откако ќе ги земат заложниците, ги возат длабоко во пустината, каде што имаат скриено храна, гориво и резервни гуми кои можат да бидат преместени со помош на систем за навигација. Еден од заложниците на АКИМ, туристка од Италија, Маријасандра Маријани, ги видела киднаперите како откопуваат цело возило надвор од песочен рид.

Тогаш сфатив дека тие не се само обични криминалци – вели таа.

Киднаперите користат сателитски телефони за да почнат да преговараат со семејствата, работодавците и со владите – процес кој трае неколку месеци или дури со години, и често завршува со испорака на куфер со пари. Методите на АКИМ се толку успешни што можат да се сретнат и во прирачници за други терористички групи што можат да се најдат на интернет. И откупнината за заложниците сѐ повеќе се зголемува: во 2003 година откупнината изнесувала околу 200.000 долари; денес таа може да изнесува и до 10 милиони долари.

Подемот на осигурувањето во случај на киднапирање

Владите не се единствените што плаќаат откуп. Осигурувањето во случај на киднапирање и барање откуп стана огромна индустрија. Околу 75 проценти од 500 компании рангирани според магазинот „Форчн“ нудат осигурителни полиси во случај на киднапирање и на барање откуп. Премијата може да достигне и до 10.000 долари за еден ден и може да покрие многу трошоци: тим за справување со кризни состојби, психијатриско лекување, дури и награда за информатори. Сепак, повеќето луѓе со осигурување во случај на киднапирање, најверојатно, и не знаат дека го имаат. Луѓето што се осигурени би можеле да бидат цел на терористите затоа што во тој случај тие можат да извлечат поголем откуп од осигурителните компании, па многу полиси експлицитно им забрануваат на работодавците од им кажуваат на вработените дека се осигурени. Од таа причина, огромното мнозинство на случаи со осигурување во случај на киднапирање никогаш не се пријавува на владите и не стигнува до медиумите. Тајрин Еванс, аналитичарка за консултантската компанија за безбедност „АКЕ“, вели дека секој месец се киднапираат десетици луѓе осигурени во нејзината компанија.

Една десетина од тие случаи се пријавени, ние се справуваме со останатите – вели таа.

Из­вори: Њујорк тајмс, Д Вик
(пре­вод: Ана Цветаноска)