Киев ја обвини Москва дека го зголемува военото присуство во Источна Украина

Украина денеска ја обвини Русија дека го зголемува военото присуство во источниот дел на земјата.

– Значителен број на руски војници без ознаки се забележани во Луганската Област, изјави портпаролот на украинското Министерство за одбрана Андриј Лисенко.

Тој ги обвини проруските сепаратисти дека продолжуваат да ги гранатираат украинските воени позиции со цел да ја прошират територијата која ја контролираат.

– Еден украински војник е убиен, а 40 се повредени во последните 24 часа, наведе Лисенко.

Во меѓувреме украинскиот премиер Арсениј Јацењук изјави дека Владата предложи зголемување на бројот на украинските вооружени сили со 68.000 лица и да достигне 250.000, од кои 204.000 би биле војници.

Владата за тоа поднесе предлог-закон до Парламентот и побара од пратениците под итно да го разгледаат.

МИА