Киев: Ќе падне ли владата денеска?

„Срамота за вашиот претседател и срамота за вашата влада“, извикувал Арсениј Јаченјук, пратеник на најголемата опозициска партија, додека неколку илјадници демонстранти се собрале пред зградата на парламентот.

По излагањата на пратениците од повеќе политички партии, парламентот ќе разгледува дали ќе се стави на гласање барањето на опозицијата за недоверба на владата.

Засега не е јасно дали опозицијата ќе ја добие неопходната поддршка за да може да се одржи гласањето. Доколку тоа се случи, за да се изгласа недоверба на владата, неопходни се најмалку 226 од вкупно 450 гласови на пратеници, но опозицијата има далеку помалку места во парламентот.

Опозициските лидери, меѓу кои е и поранешниот боксерски шампион, Виталиј Клично, поднеле нацрт резолуција во која што се наведува дека владата ја изневери Украина бидејќи се откажала од потпишување на клучниот документ со Европската унија и тоа под притисок на Русија.