Киев размислува да го забрани „Десниот сектор“

Украинските сили за безбедност денеска спровеле вонредна оперативна акција за обезбедување во врска со случувањата околу Врховната Рада, каде била разгледувана можноста за забрана на радикалното движење „Десен сектор“ , објави руската новинска агенција „Новости“, повикувајќи се на извор од украинската партија „Баткившчина“, пренесува Нетпрес.

Според објавеното, на средбата присуствувале и раководителот на Советот за национална безбедност, Андреј Парубиј, и пратеникот Олег Тјагнибок, лидер на движењето „Слобода“, кое е крајно десничарско.

За време на состанокот министерот за внатрешни работи, Арсен Аваков, во врска со радикализацијата на „Десен сектор“ предложил не да се ограничат раководните единици на движењето, туку да се пристапи кон целосна забрана на организацијата.

„Тјагнибок не завзеде одредена позиција, а Парубиј го поддржа Аваков, велејќи дека таква одлука ќе им дозволи на самите присутни повеќе да не се сметаат како радикали“, посочил изворот од партијата „Баткившчина“ за „Новости“.

Руската новинска агенција објавува дека конечното решение по тоа прашање не било донесено за време на средбата.

„Предложено беше дискусијата да продолжи денеска и тоа во поширок круг“, дополнил изворот на „Новости“.

Инаку, вооружени активисти на „Десниот сектор“, вчеравечер, ја нападнале зградата на Врховната Рада. Тие кршеле прозорци и се обиделе да ги демолираат влезните врати  на објектот. Радикалите бараат оставка на министерот за внатрешни работи, Арсен Аваков, кој беше назначен на функцијата од парламентот.

Околу објектот на Врховната Рада имало околу 2.000 припадници на „Десниот сектор“, а за време на немирите пратениците успеале да го напуштат објектот преку подземни излези.