Ким дел од тајната делегација во Кина, Пентагон вели дека според планот течат подготовките за средбата со Трамп

Ким Џонг-ун бил дел од тајната делегација којашто во понеделникот со воз пристигнала во Пекинг, а кинеската престолнина ја напуштиле во вторникот, пренесува Reuters повикувајќи се на добро информиран извор, истовремено кога американскиот министер Џејмс Матис за новинарите изјави дека „строго според планот“ течат подготовките за средбата на севернокорејскиот лидер и американскиот претседател Доналд Трамп.

Посетата на Пекинг, којашто би претставувала првото патување на Ким Џонг-ун во странство откако во 2011 година дојде на власт, не ја објавија ниту Кина, ниту Севера Кореја, па и натаму останува мистерија. Шпекулациите за посетата на Ким ги поттикнаа невидените безбедносни мерки преземени во понеделникот и вторникот во Пекинг, за кои исто така, кинеските власти не издадоа никакво соопштение.

Портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи на прашањето дали во посета на Пекинг се наоѓа Ким, неговата сестра или некој друг висок севернокорејск функционер одговорила „во моментов не сум запознаена со ситуацијата којашто ја спомнувате“. „Доколку дојде таква вест, ќе ја објавиме“, додала .

Пекинг е главниот сојузник на изолираната Северна Кореја и главен трговски партнер благодарејќи на кој преживува и покрај серијата меѓународни санкции поради нуклеарната и ракетната програма на Пјонгјанг. Јужна Кореја, пак, соопшти дека со големо внимание го следи развојот на настаните во Пекинг.

Подготовките за средбата на Трамп и Ким се одвива строго според планот, изјави во вторникот на средбата со новинарите челникот на Пентагон, Џејмс Матис.

„Ова е методичен процес во кој учествуваат и нашите сојузници Јапонија и Јужна Кореја“, рекол Мартис додавајќи дека со тоа се занимаваат претставници на Стејт департментот, бидејќи станува збор за „дипломатски напори“, пренесува службата за односи со јавност на американското министерство за одбрана.

Според Матис, подготовките за средбата не се во спротивност со одлуката на претседателот Трамп да го разреши државниот секретар Рекс Тилерсон, која беше објавена на 13-ти марти.

„Во моментов во министерството (за надворешни работи) има вршител на должноста државен секретар, а соработниците ги засукаа своите ракави разработувајќи ја агендата (за средбата)“, изјавил Матис. Истакнал и дека и други земји покрај споменатите учествуваат во „консултациите“ во врска со прашања за коишто САД сакаат да се разговара на преговорите со лидерот на Северна Кореја.

Претходно на 8-ми март беше објавено дека Ким Џонг-ун преку јужнокорејската делегација која престојуваше во посета на Пјонгјанг му предал на Доналд Трамп предлог за можна средба, којашто на американскиот претседател му беше соопштена во Вашингтон од страна на истата јужнокорејска делегација и кој тогаш изјави дека би требало да се одржи до крајот на мај. Според Белата куќа, местото и датумот на средбата сѐ уште не се одредени.