Ким не се откажува од средбата со Трамп

По одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, да ја откаже историската средба со лидерот на Северна Кореја, од Пјонгјанг соопштиле дека Ким Џонг Ун и понатаму е подготвен за средба. Севернокорејската државна агенција КЦНА наведува дека Ким прави големи напори да се одржи средбата со Трамп.

Пјонгјанг оценува дека одлуката на Трамп за откажување на средбата што требаше да се одржи на 12 јуни во Сингапур не е во склад со желбите на светот.

Трамп соопшти дека ја откажува средбата поради отвореното непријателство што го покажала Северна Кореја.

Тој доде дека самитот е „пропуштена шанса“ и „навистина тажен историски момент“. Трамп му порача на Ким да му се јави или да пише ако го промени ставот.

Северна Кореја вчера во присуство на странски новинари ја уништи локацијата за која тврдат дека е полигон за нуклеарни проби, а денеска се појавија први снимки од локацијата Пунгје-ри. Експлозијата е изведена длабоко во планините во ненаселената област на североисток од земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.