Кина до крајот на август ќе испрати преговарач во САД

Кина кон крајот на август ќе испрати висок функционер во САД поради продолжување на трговските преговори, првите разговори од овој вид последните седмици, објави во четвртокот кинеското министерство за трговија.

Помошникот на кинескиот министер за трговија, Ванг Шувен, ќе се сретне со американскиот потсекретар за финансии задолжен за меѓународни односи, Дејвид Мелпас, на покана на САД, соопшти министерството во Пекинг.

„Кинеската страна потврдува дека се противи на едностраноста и практиката на трговски протекционизам, како и дека не прифаќа ниту една друга мерка на трговска рестрикција. Кина го поздравува дијалогот и комуникацијата на основа на реципроцитет, еднаквост и интегритет“, појаснува министерството.

Американскиот секретар за трговија, Вилбур Рос, одржа во јуни разговори во Пекинг за трговските прашања со кинескиот вицепремиер Лиу Хе. Меѓутоа, тие разговори не доведоа до намалување на тензиите.

Откако воведоа царински давачки на увозот во висина од 25 отсто на машини за перење облека, соларни панели, челик и алуминиум, или кинески производи во вкупна вредност од 34 милијарди долари, Вашингтон од 23-ти август ќе воведе царини и на низа други кинески производи во дополнителна вредност од 16 милијарди долари. САД веќе се заканија со царинење на ниво од 200 милијарди долари на дополнителни кинески производи, почнувајќи од сепември. Тоа ќе доведе до вредност од вкупно 250 милијари долари на кинески производи кои ќе бидат царинети во САД.

Кинеските власти од своја страна за 6-ти септември најавија свои мерки на одмазда со царини на американски производи, особено свинско месо и соја, во висина од 34 милијарди долари, што се надодава на другите 16 милијарди долари, во кои се вклучени јагленот, медицинските инструменти и отпадот.

Засега тешко е да се каже што може да донесат разговорите, но според оцените на аналитичарите, тие претставуваат позитивен сигнал дека двете страни предвидуваат некаков компромис. Посетата на Ванг би можело да значи и дека САД и Кина бараат излез од трговската војна којашто ескалираше, во којашто и двете страни продолжуваат со зголемувањето на царините.

Вашингтон го обвинува Пекинг за нечесна трговска практика, особено кога станува збор за технологијата и интелектуалната сопственост. Американскиот претседател Доналд Трамп сака со тоа да го намали трговскиот дефицит со Кина, кој минатата 2017 година изнесуваше дури 375 милијарди долари. Пекинг во извесна мера, пак, е ограничен во однос на можен соодветен одговор, имајќи предвид дека повеќе извезува стоки отколку што ги увезува од најголемата светска економија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.