Кина доминира на листата претприемнички кои самите го создале своето богатство

Кинеските жени претпремачи повторно доминираат на светската листа милијардерки коишто самите го создале своето богатство, па на овој списк на магазинот Hurun за 2018 година меѓу десетте најбогати се најдоа пет жени од азискиот гигант.

Жоу Чунфеи, која основаше компанија за производство на екрани за преносни компјутери и паметни телефони, е најбогатата светска претприемачка којапто тоа го постигнала со сопствени напори, а нејзиното богатство е проценето на 9,8 милијарди долари. Нејзината компанија „Lens Technology“ има договори со некои од најголемите технолошки корпораии, а главни клиенти ѝ се „Apple“ и „Samsung“.

Жоу, којашто потекнува од сиромашен рурален крај, исто така, се најде и на листата на светски милијардерки на Forbes, објавена претходно седмицава. Магазинот ја стави на 16-то место на најбогатите жени на светот, но сите подобро пласирани од неа богатството го стекнале со наследство или со мажање.

Вкупно, според магазинот Hurun, 28 од 50-те најбогати жени претприемачи во светот кои до капиталот стасале со сопствен труд доаѓаат од Кина.

Жоу, инаку, го презема водството од Чен Лихуа, чијашто компанија „Fu Wah International“ со седиште во Пекинг се занимава со реставрирање, развој и продажба на недвижнини. Чен со богатство проценето на 8,1 милијарди долари го зазема третото место на споменатата листа, додека на второто место се проби Ву Јаџин од западниот кинески град Чонгкинг, а нејзината компанија, исто така, се занимава со бизниси со недвижнини. Ву последните години оствари зачудувачки раст од дури 83 отсто, на 9,3 милијарди долари.

Најбогатата претприемачка надвор од Кина е Американата Дајан Хендрикс, коосновач на компанијаа „ABC Supply“ со седиште во сојузната држава Висконсин, еден од најголемите дистрибутери на покриви и прозорци во САД.

Од новите жени на оваа листа најголем пробив направила Н’гујен Ти Пуонг Тао, извршната директорка на виетнамскиот авиопревозник „VietJet“, а Hurun нејзиното богатство го проценува на 2,8 милијарди долари.

Од Индија на споменатата листа се најде само една жена, челничката на фармацевтскиот гигант „Biocon Kiran Mazumdar-Shaw“.

На листата забележителен е и големиот раст на богатствата не некои од милијардрките во последните неколку години, а на пример богатството на Жоу се зголемило за 45 отсто во однос на претходната 2017 година.