Кина: Егзекутиран поранешен рударски тајкун за „мафијашки криминал“

Кинеските власти соопштија дека е извршена егзекуција врз поранешниот рударски тајкун од Сечуан, Лиу Хан како и врз неговиот помлад брат и уште врз три други лица,означени како соработници на првообвинетиот.

Сите петмина беа осудени на смрт, во мај 2014 година, за „мафијашки стил“ на работење и однесување и за извршени убиства, пренесува МИА.

Езекуцијата била извршена откако кинескиот Врховен суд ги потврдил изречените казни.

Лиу Хан е поранешен претседател на „Ханлонг Груп“ најголемата приватна компанија во провинцијата Сечуан. Оваа голема и моќна компанија е вклучена во цела низа индустриски гранки, од рударството што е основата на компанијата, до хемискиот сектор и телекомуникациите.

Како прв човек на еднен ваков силен индустриски комплекс, Хан беше мошне богат човек, но и многу влијателна личност. Обвинетелството го товареше дека тој и неговата компанија „илегално“ создала монопол врз бизнисот со игри, тврдејќи дека на тој начин го „тиранизирале локалното население“ и нанесувале штате врз локалната економија и општествениот ред.

Во Пекинг се верува дека Хан бил во врска со моќниот шеф на кинеската јавна безбедност Жоу Јангканг, против кого властите водат истрага за „корупција“.

Провинцијата Сечуан беше силно упориште на Јангканг, затоа што тој до 2003 година, кога беше поставен во секторот на државната безбедност, беше прв секретар на комунистичката партија, во оваа кинеска провинција.