Кина го доби првиот сопствен носач на авиони

Кина во средата го доби својот прв носач на авиони кој самата го изгради, а ќе биде вториот носач во нејзината флота, што ги потврдува нејзините амбиции за здобивање моќ на морето.

Официјалните медиуми повикувајќи се на воените експерти, пренесуваат дека носачот на авиони изграден во пристаништето Далиан на североистокот од Кина, официјално ќе биде ставен во служба по 2020 година, бидејќи ќе биде потребно време да се опреми целосно и да се вооружи.

Кон крајот на 2015 година Пекинг ги потврди информациите дека започнува со градење сопствен носач на авиони, и оттогаш кинеските медиуми и странските воени стручњаци редовно пренесуваа информации и сателитски и други снимки за неговото градење.

Трупот на бродот, погонот и главниот бродски систем се целосно завршени, меѓутоа ќе биде потребно време за вградување на вооружувањето и опремата за авионите.

„Поринувањето на бродот покажува дека со проектирањето и изградбата на сопствениот носач на авиони сме направиле голем исчекор“, пишува новинската агенција Xinhua. Државната телевизија, пак, емитуваше снимка како по спуштењето во водата реморкери го влечат носачот украсен со црвени знамиња кон сидриштето.

Потпретседателот на влијателната кинеска воена комисија Фан Чанглонг лично го следел спуштањето во вода со традиционалното кршење шампањ од бродот.

Овој чин следуваше по одбележувањето на 68-годишнината од основањето на кинеската воена морнарица во неделата и се одвива во моментот на засилените тензии меѓу Северна Кореја и САД поради севернокорејската нуклеарна и ракетна програма.

Малку е познато за кинеската програма за градење носачи на авиони, бидејќи станува збор за државна тајна, наведува Reuters, меѓутоа објавено е дека во неговото градење се искористени искуствата од градењето на првиот носач „Лиаонинг“ кој беше купен недоврешен од Украина во 1998 година а потоа преуреден во кинеско бродоградилиште.

Новиот носач, кој ќе биде вооружен со конвенционално оружје, а според податоците на Центарот за стретешки истражувања во Вашингтон ќе носи 24 авиони од типот „Shenyang J-15“, кинеската верзија на рускиот „Сухој 33“. Според истиот извор, носачот ќе биде опремен и со 17 хеликоптери.

Властите на Тајван, пак, сметаат дека Кина всушност изгрдила два нови носачи на авиони, но оти Пекинг официјално тоа не го потврдува.

Кинеските воени експерти во разговори за медиумите наведуваат дека на земјата ѝ се потребни најмалку шест носачи на авиони и мрежа од бази ширум светот, за да може да се одвиваат нивните операции. Кинеската влада, сепак, уште јавно не одговори на претпоставките дека сака да има глобална присутност, како на пример американската војска. Споредбено, САД имаат десет носачи на авиони.

Носачот „Лиаонинг“ неодамна учествваше во воените вежби во Јужнокинеското Море и во близина на Тајван, но се очекува дека ќе има позначителна улога во обуката отколку борбена.

Кинеската воена морнарица последните месеци има сé поистакната улога и нејзината команда ја презема адмирал чијашто кариера е во силен подем. Неодамна првиот кинески носач на авиони пловеше околу Тајван, а новите кинески борбени бродови се појавуваат и во поодалечените води во светот.

Кина полага право на речиси целото Јужнокинеско Море за коешто се смета дека крие големи резерви од нафта и природен гас, и низ коешто минува годишен поморски трговски промет во вредност од пет билиони американски долари. Кина, исто така, забрзано гради воени постројки на островите коиишто ги контролира во ова море, а на коешто исто така право полагаат и другите земји, како Брунеи, Малезија, Филипини, Тајван и Виетнам, кои се сојузници на САД во пацифичкиот регион.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.