Кина и САД мотори на економскиот раст следната година

Во 2015 година, според прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд, се очекува опоравување и раст на глобалната економија за 3,8 отсто, во споредба со минатогодишните 3,3 проценти.

Светските аналитичари проценуваат дека глобалниот раст ќе го предводат Кина и САД, додека еврозоната повторно ќе стане болна точка на светската економија, со минимален раст од 0,8 проценти, објави Танјуг, пренесе МИА.

Кинеската економија годинава ќе го забави растот од минатогодишните 7,3 на 7,1 отсто, бидејќи ќе се сврти кон поголема внатрешна потрошувачка на сметка на инвестициите, додека Јапонија е во рецесија и прогнозите за 2015 се дека опоравувањето на БДП ќе биде најмногу 0,8 отсто, сметаат аналитичарите.

Една од причините за очекуваното опоравување на глобалната економија е ниската цена на нафтата, која е преполовена од летото минатата година, така што аналитичарите очекуваат дека таа ќе се задржи на тоа ниво и во 2015 година и ќе поттикне раст во повеќето земји, бидејќи потрошувачите ќе можат повеќе пари да издвојат за други работи, додека за компаниите тоа ќе значи помали трошици за работење.

Ниската цена на нафтата би можела да им помогне на економиите на ЕУ и Јапонија да одржат минимален раст на БДП.

Според „Економист“, Кина и натаму е најголемиот нето извозник на директни странски инвестиции во светот и нејзиниот јуан би можел да се придружи во клубот на избрани земји кои претендираат да бидат сопственици на светска резервна валута.

Исто така, оценуваат аналитичарите, дека Кина ќе извезува дефлација во светот, бидејќи цената на стоката од Кина веќе се намалува и тој тренд ќе продолжи.

САД и Европа ќе бидат преплавени со евтина кинеска стока, и тоа во случајот на еврозоната може да доведе до дефлација.

Аналитичарите од Инвестицкиската банка ЈП Морган Чејс и ИХС Глобал Инсајт оценуваат дека САД во 2015 година ќе имаат најголем раст во изминатата деценија од 3,1 отсто.

Забрзаниот раст на американската економија е клучна причина зошто аналитичарите очекуваат дека глобалната економија ќе расте побрзо, на околу три отсто, во однос на 2,5 отсто во 2014 година. Со таа прогноза се согласува и ММФ.

Во оваа година се очекува јакнење на пазарот на недвижности во САД и деловни инвестиции и на тоа аналитичарите ги засноваат своите прогнози за опоравување на американската економија.

Германски „Дојче веле“ ги пренесува прогнозите на европските аналитичари дека еврозоната повторно ќе стане болна точка на светската економија, бидејќи се предвидува минимален раст од само 0,8 проценти.

Битката на Европската централна банка против дефлацијата ќе продолжи и во 2015 година, во опкружување каде се очекува минимален економски раст, ниска цена на нафтата на светските пазари и во атмосфера на општ недостиг на инфлаторни притисоци.

Според прогнозата на Бундес банка, германската економија ќе има раст од само еден процент.

Според проценките на аналитичарите на лондонски „Гардијан“, руската економија ќе се најде пред длабока рецесија во 2015 година, дури и пред драматично опаѓање на рубљата.