Кина и САД за целосна, докажлива и неповратна денуклеаризација на Корејскиот полуостров

Кина и Соединетите држави се договорил дека денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров ќе биде „целосна, докажлива и неповратна“, објавија во саботата кинеските државни медиуми, известувајќи за разговорите на кинеските и американските функционери претходно седмицава во Вашингтон.

„Двете страни потврдуваат дека се доследни на целосната, докажливата и неповратната денуклеаризација на Корејскиот полуостров“, се наведува во заедничкиот документ кој го објави кинеската службена новинска агенција Xinhua.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во четвртокот изјави дека САД во текот на средбата со кинеските дипломати и одбранбени функционери го повикале Пекинг да направи поголем економски и политички притисок врз Северна Кореја. Со Тилерсон и американскиот министер за одбрана Џим Матис се сретнаа високиот кинески дипломат Јанг Џиечи и генералот Фанг Фенгуи.

Во заедничкиот документ се истакнува и потребата од целосно и строго придржување до резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации во кои се повикува на дијалог и преговори, што подолг период беше пристапот на кој инсистираше Пекинг.

Се додава дека треба да се зајакне и воената размена и механизмот за информирање за да се избегне опасноста од „погрешни процени“ меѓу американската и кинеската војска.

Кинеските државни медиуми разговорите на функционерите од двете земји, првите од овој вид под администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, ги оценија како напредок во дијалогот меѓу Пекинг и Вашингтон. Кинескиот претседател Кси Џинпинг се сретна со Трамп во април на Флорида, а се очекува дека нивната следна средба ќе се случи следниот месец, во текот на самитот на земјите Г20 во Хамбург.

Трамп во текот на разговорите од оваа седмица изјави дека кинескиот обид за смирување на Пјонгјанг не успеал, поради што предизвика нови сомнежи околу пристапот на неговата администрација кон севернокорејската закана.

Смртта на американскиот студен Ото Вармбјер кој почина минатата седмица откако по 17 месеци беше ослободен од затвор во Пјонгјанг поради кражба на пропаганден постер дополнително го комплицираше ставот на американскиот претседател кон оваа комунистичка земја.

Кина, нејзиниот главен трговски партнер, Вашингтон ја обвинува дека целосно не ги спровела постојните санкции од ОН и дека одбива да воведе построги мерки. САД, затоа, разгледуваат „секундарни санкции“ против кинески банки и компании кои и натаму соработуваат со Северна Кореја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.