Кина им забрани на политичарите да пушат на јавни места

Претставници на Комунистичката партија не смеат да пушат на јавни места или да купуваат цигари користејќи јавни средства, а би требало да ги поттикнат своите колеги да престанат со тој порок, соопшти највисоко кинеско владино тело во циркуларно писмо.

Агенцијата „Синхуа“ синоќа објавила дека со новите прописи се опфатени Централниот комитет на Комунистичката партија и Државниот совет.

На политичарите им е забрането да пушат во училиштата, болниците, спортските објекти или јавниот превоз, како и да пушат или да им се нудат цигари додека извршуваат официјална должност.

Кина е најголем светски потрошувач на тутун со повеќе од 300 милиони пушачи. Кинеското министерство за здравство во 2011-та година објави упатство за забрана за пушење во затворени јавни места, вклучувајќи хотели и ресторани, но тие стриктно не се почитуваат.