среда, 23 август 2017  |  Вести денес: 46

Кина ќе продолжи да ги охрабрува компаниите да инвестираат во Македонија

Поврзани вести

Кинеската влада нема да ја промени политиката кон Македонија. Традиционалното пријателство меѓу двете земји има силна основа и верувам дека која било партија да дојде на власт нема да ја промени таа политика кон Кина, изјави високиот претставник на кинеското Министерство за надворешни работи Лу Шан на средбата со новинарите од земјите од Централна и Источна Европа во рамки на процесот „16+1“.

„Како и да се промени ситуацијата во Македонија, сакам да потврдам дека ние нема да ја смениме нашата политика кон Македонија. Што се однесува до мене традиционалното пријателство меѓу Македонија и Кина има многу силни основи. Јас сум повеќе од убеден дека која било партија и да дојде на власт нема да ја промени таа пријателска политика кон Кина“, рече Шан, јави специјалниот известувач на МИА од Кина.

Двете земји, додаде тој одговарајќи на новинарско прашање, имаат заеднички проекти и работат на нив во континуитет во последните години.

„ Ќе продолжиме да ги охрабруваме нашите компании да ги истражуваат можностите да инвестираат во Македонија. Оваа политика не е екслузивна само за Македонија, туку е за сите земји од Централна и Источна Европа“, истакна Шан, кој на средбата во Пекинг ги информираше медиумските претставници од земјите од Централна и Источна Европа за активностите во рамки на процесот „16+1“.

Македонија е меѓу првите земји кои и се приклучија на оваа иницијатива и која користи средства за изградба на патишта односно за автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево – Охрид. Инфраструктурните проекти беа приоритет во рамки на соработката на Кина со 16-те земји од Централна и Источна Европа за што беше формиран кредитен фонд од 10 милијарди долари (Варшавска иницијатива 2012), но соработката се прошири во повеќе области како туризам, здравство, образование, култура…

Во последните пет години, според Шан, кинеските инвестиции во земјите од Централна и Источна Европа се зголемиле на 8 милијарди американски долари. Многу кинески компании што одлучиле да инвестираат во овие земји, што, како што кажа, придонесуваат во плаќањето на даноците и отворањето на нови работни места. Исто така се зголемил и увозот на Кина од овие земји. Од Македонија, како и од неколку други земји во регионот, купуваат производи од месо.

На минатогодишниот петти самит на процесот „16+1“ во Рига беше објавено формирањето на Инвестициски фонд за Централна и Источна Европа преку кој ќе се менаџираат средствата кои Кина ќе ги инвестира во овие земји. Првите кинески инвестиции по воспоставувањето на овој Фонд, чие седиште од неодамна е во Шангај, се очекува да бидат соопштени во следните месеци.

Во земјите од Централна и Источна Европа, според претставникот на Фондот Кин Џинг, има многу конкурентски предизвици. Во овој регион има потецијал за голем индустриски и производствен сектор, има евтина работна сила, прилично добро едуциран кадар и се користи добра технологија. Можностите за инвестирање ги гледаат во индустријата за автомобилски делови, земјоделство, е-продажба, туризам, инфраструктура и други индустрии.

„Идентификувавме неколку потенцијални цели и проекти“, информираше тој додавајќи дека досега претставници на Фондот посетиле 13 од 16-те земји и дека наскоро ќе ги посетат и останатите три.

Во која земја ќе се инвестира, според Џинг, повеќе зависи од можностите што ги нуди тамошната влада и од тоа што сака таа да направи. Во некои од земјите пречки се појавиле од легислативен карактер и се чека дали тие ќе бидат надминати. Според претставниците на Фондот, полесно е да се инвестира во земјите кои не се членки на Европската унија, отколку во оние кои се дел од европското семејство, така што една од причините за формирање на овој Фонд е токму надминување на овие пречки.

Џинг, на средбата со новинарите, зборуваше за зголемувањето на бројот на кинески туристи кои одат на семејни патувања во земјите од Централна и Истона Европа, посочувајќи дека патувањата и бизнис релациите би биле поедноставни доколку некои од овие земји ги укинат визите за кинеските државјани, како Чешка, Полска, Унгарија, Романија и Хрватска.

Отворање на филијала на Кинеската банка во Србија, според него, ќе го олесни процесот на инвестирање во оваа земја, но и во останатите каде што кинеските компании ќе започнат свои бизниси.

Шестиот самит на Процесот „16+1“ оваа година ќе се одржи во Унгарија. Дел од него, освен Македонија, се и БиХ, Албанија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија. Процесот исто така е еден од сегметите и на кинескиот мега проект „Еден појас, еден пат„ за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток.
Од денеска до 30 јуни во Полска се одржува Европското првенство за фудбалери до 21 година, на кое првпат ќе настапи и репрезентацијата на Македонија.

Најчитани вести