Кина ќе стане најголема економија?

Повеќе американски медиуми најавија дека е можно Кина да ги претекне САД и да стане најголемата економија во светот уште во текот на оваа година.

Според новите извештаи базирани врз анализа на Светската банка, која во предвид ја земала и куповната моќ на кинеската валута јуанот, обемот на кинеската економија веќе е израмнет со американскиот, а во текот на годинава ќе го надмине и ќе стане најголема светска економија на почетокот на следната деценија и ќе ги надмине САД.

Пред двете големи економски кризи што ги зафатија САД и Европската Унија, кинеската економија  растеше и со над 10 отсто годишно, а во изминатите неколку години стапката на раст се движи околу седум или осум проценти годишно. Се очекува дека во текот на годинава кинеската економија да се зголеми за 7,5 отсто, што е трипати повеќе од американската.

Во 2009 година Кина стана втора најголема економија во светот, откако во изминатата декада постепено ги претекнуваше економиите на најголемите европски држави, вклучително и Германија. Номиналниот бруто домашен производ на Кина се проценува на над девет билиони долари.

Со над милијарда граѓани и огромен простор за урбанизација, индустријализација и натамошен раст, американските експерти сметаат дека растот над кинеската економија над нивото на американската е само прашање на време.

Бруто домашниот производ на американските 320 милиони граѓани изнесува речиси 17 билиони долари. САД и Кина се соочуваат со новоотворени безбедносни прашања, по американската најава за распоредување на поголем дел од нејзината воена моќ во Пацификот и спорот за суверенитетот на островите меѓу Кина и американскиот сојузник Јапонија.

САД и Кина имаат трговска размена од половина билион долари годишно, при што Кина има огромен суфицит од 350 милијарди долари, а во исто време, кинеската благајна држи околу 1,2 билиони од американскиот долг, кој изнесува 17,5 билиони долари.