Кина ќе го зголеми воениот буџет за 10 отсто

Кинескиот воен буџет за 2015 година ќе биде зголемен за 10 проценти, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на соопштение на кинескиот Парламент.

– Модернизацијата на одбраната е дел од стремежот на Кина за целосно модернизирање, а тоа бара соодветно финансирање, рече портпаролката на Општокинеското собрание на народни претставници Фу Ин, пред отворањето на годинешната сесија на Парламентот.

Планираното зголемување на воениот буџет ќе биде помало од зголемувањето на расходите за одбраната во минатата година за 12,2 проценти, иако Кина петта година по ред ќе изведе двоцифрено процентуално зголемување на својот воен буџет, што во апсолутни бројки ќе изнесува приближно 145 милијарди долари.

Според Фу, зголемувањето на буџетот за одбраната, што треба да биде потврдено утре, при отворањето на парламентарната сесија, е во согласност со очекуваното целосно зголемување на државните расходи за околу 10 проценти во текот на оваа година.

Тоа ќе се случи и покрај забавувањето на економескиот раст, што минатата година го забележа своето најниско ниво во последните речиси четвртина век, и изнесуваше 7,4 проценти, а годинава се очекува да продолжи да опаѓа.

Зголемувањето на воените расходи ја одразува нараснатата економска моќ на Кина и нејзината желба да ги зацврсти своите позиции на регионален и глобален план, забележаа американските медиуми.