Кина нема да интервенира доколку падне режимот во Северна Кореја

Кина нема да интервенира за да ја спаси соседна Северна Кореја доколку падне режимот во Пјонгјанг или почне војна, изјави генералот во пензија на кинеската Народноослободителна војска, Ванг Хонгуанг, пишува МИА.

Поранешниот заменик командант на областа Нанџинг веројатно сигнализира дека „се намалува трпението“ во Пекинг кон својот „непослушен и нуклеарно вооружен сојузник“.

– Кина не е спасител. Доколку Северна Кореја навистина пропадне, ниту Кина не може да ја спаси, истакнал Ванг.

Улогата на Кина се зголемила откако економијата на Северна Кореја почнала да слабее со распадот на Советскиот Сојуз пред речиси 25 години, со кој Пјонгјанг имал блиски трговски врски и помош.