Кина одговори на обвинувањата од Трамп за хакирањето на Клинтон

Кинеското министерство за надворешни работи објави во средата дека нема „ништо ново“ во обвинувањата од американскиот претседател Доналд Трамп дека Кина ја хакирала електронската пошта на поранешната прва дама и негов ривал од претседателските избори во 2016 година, Хилари Клинтон, во периодот кога таа беше државен секретар и користела спротивно на американските закони приватен сервер и приватна електронска пошта поради што беше под истрага.

„Ова не е првпат да слушаме вакви обвинувања. Кина е голем поборник на кибернетичката безбедност и се противи на сите форми на хакерски напади“, изјави портпаролката на кинеската дипломатија Хуа Чунјинг.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно во средата на Twitter објави дека Кина ја хакирала електронската пошта на Хилари Клинтон, но не наведе дополнителни информации или докази, кои ги бара американската јавност иако не бара докази, на пример, за тврдењата за наводната вмешаност на Русија во претседателските избори во 2016 година. Трамп слични обвинувања искажа и во април 2017 година, но ни тогаш не ги поддржа со своите обвинувања дека Кина се обидела да влијае врз изборниот резултат.

„Кина ги хакирала мејловите на Хилари Клинтон, меѓу кои се многу тајни инфромации. Би било подобро слениот чекор да го направат FBI & DOJ, или по сите тие нивни погрешни чекори (Коми Мекејб, Штрзој, Пејџ, Охр, FISA исн) нивната веродостојност засекогаш ќе исчезне“, напиша малку по полноќ кон средата Трамп.

Меѓутоа, иако дел од американските медиуми ја доведуваат оваа изјава во поврзаност со истрагата за наводната руска вмешаност во претседателските избори во 2016-та, јасно е дека Трамп алудира на запрената истрага на Федералното боро за истраги (FBI) за незаконското водење на официјалната доверлива коренспонденција преку приватен сервер од страна на Клинтон, за која експерите предупредуваат дека била лесна цел на странските разузнавачки служби кои на овој начин можеби дошле до драгоцени сознанија.

Покрај тоа уште не е јасно кој ја хакирал Демократската партија чијашто кандидатка беше Хилари Клинтон и кој ја доставил компромитирачката преписка за нејзиното фаворизирање на внатрепартиските избори до организацијата WikiLeaks. Трамп во април 2017 година напомна дека Кина можеби ја хакирала поштата на демократите за да влијае врз изборите.