Кина: Седум години затвор за учениците што мамат кога полагаат матура

Новиот кинески закон предвидува казна од седум години затвор за учениците што мамат на полагањето матура, поради што годинава властите распоредија 800 полицајци со задача да го надгледуваат полагањето на националниот испит во 96 испитни центри во земјата.

Овој закон е изгласан минатата есен со цел зајакната борба против ендемското мамење на испитот што во Кина се нарекува „гаокао“ а што е од пресудно значење за кариерата на кандидатот.

Кинези овој испит го сметаат за одлучувачки затоа што во зависност од постигнатите резултати, девет милиони кандидати се класифицираат на подобри и полоши универзитети, а во Кина академската определба е пресудна за понатамошниот развој на кариерата.