Кина со нов инвестициски фонд од 3 милијарди долари за Источна Европа

Кина ќе формира нов инвестициски фонд од три милијарди долари (2,4 милијарди евра), наменет за Централна и Источна Европа, со цел да ги зацврсти своите позиции како врата кон Европската унија, пренесоа британските медиуми.

Овој фонд ќе биде дополнение на веќе поделените 10 милијарди долари од 2012 година за инвестициски проекти во регионот, вклучувајќи и некои земји членки на ЕУ, но и другите, кои уште не се дел од Унијата, но се стремат да се приклучат кон неа.

Кина ја гледа Централна и Источна Европа како потенцијален доходовен пазар и мост кон ЕУ, привлечен од подеднакво ниските плати, висококвалификуваната работна рака и плановите за
економски развој на земјите, кои се стремат кон членство во ЕУ.

Кинеските  инвестиции во регионот вобичаено се прават под форма на кредити од кинеските државни банки за проекти што се изведуваат од кинески компании, главно во областа на инфраструктурата и енергетиката.

Зборувајќи на средбата на високо ниво во Белград со претставници на 16 земји од Централна и Источна Европа, кинескиот премиер Ли Кечијанг изјави дека Кина е отворена за „нови модели на финансирање и инвестиции“.

Во обраќањето кон учесниците на средбата премиерот Кечијанг изјави дека Кина очекува нови видови соработка во вид на државно-приватно
партнерство и различни лизинг договори, кои таа соработка ќе ја направат поефикасна и попродуктивна.