Кина стана трета земја извозник на оружје во светот

Кина ги претекна Германија и Франција и стана третиот најголем извозник на оружје во светот, иако нејзиниот удел од пет проценти на пазарот на оружје останува мал во споредба со комбинираните 58 проценти на САД и Русија, покажува новиот извештај на Стокхолмскиот Меѓународен институт за истражување на мирот СИПРИ, пренесоа американските медиуми, пренесува МИА.

Кинескиот дел од глобалниот пазар на оружје во периодот  2010-2014 година е зголемен за 143 проценти во споредба со претходните пет години, кога Пекинг беше на деветто место со трипроцентен удел во колачот.

Кина испорачала оружје до 35 земји, на чело со традиционалните сојузници Пакистан и Мјанмар, како и до Бангладеш. Пекинг извезол оружје и за 18 африкански земји, вклучувајќи ја и Нигерија.

Во истиот период глобалниот обем на договори за продавање на оружје се зголемил за 16 проценти во споредба со претходните пет години.

САД и натаму остануваат првиот извозник на оружје и го задржале 31-процентниот удел од глобалниот пазар на оружје, извезувајќи во речиси 94 земји, а во земјите од Азија и Океанија завршиле 48 проценти од американскиот извоз, следени од Блискиот исток со 32 проценти и Европа со 11 проценти.

Според извештајот на СИПРИ, во светот постојат 60 земји извознички на оружје.

Русија е втора со 27 проценти од глобалниот пазар, од кои 39 проценти заминале за Индија, најголемиот увозник на оружје во светот. Русија извезла оружје во 56 земји од светот и е главниот испорачувач на хеликоптери и друга авијациска техника. Индија, Кина и Алжир заедно презеле над половината од рускиот извоз.

Извештајот на СИПРИ, наречен „База на податоци за трансферите на оружје“  (Arms Transfers Database), не ги вклучува малите оружја. Тој се базира на јавни извори, од весници и специјализирани меѓународни изданија, па се до владини и извештаи од производителите, забележува ДПА.