Кина тврди дека овозможува поголеми граѓански и политички права од кога и да е

Кина во петокот објави дека нејзините граѓани уживаат до денес највисоко ниво на политички и граѓански права, во извештајот објавен само неколку дека откако Европската унија и САД изразија „сериозна загриженост“ за наводното кршење на човековите права во најнаселната земја на светот.

Последните пет години кинескиот претседател Кси Џинпинг спроведувал, според тврдењето на невладините организации за заштита на човековите права, засилен прогон на активистите за човекови права и на адвокати од кои десетина завршиле во затвор, пренесува Reuters.

Во пресрет на Денот на човековите права во недела, Европската унија и САД објавија соопштенија во коишто стои дека се „сериозно загрижени за кршењето на човековите права“ во Кина, укажувајќи на мерки како што се рестрикции во користењето на интернет и апсења на адвокати.

„Кинеските граѓани никогаш порано не уживаа ваков обем на економски, социјални, културни, како и граѓански и политички права, како што тоа е случај денес“, наведува во својот годишен извештај Државниот совет, односно кинеската влада.

Во извештајот се наведува дека станува збор за нова ера во којашто е осигурана поголема правна заштита на човековите права во Кина, и како доказ за ваквите наводи се укажува на воспоставување централна група којашто неодамна ја формираше Комунистичката партија со цел да се изврши правната реформа.

Но според невладините организации за човекови права, изостанувањето на независна истрага води кон кршење на човековите права.

Кина ги отфрла критиките на сметка на состојбата со човековите права кај неа, наведувајќи дека овие критики преголем акцент ставаат на политичките и граѓанските права, а притоа не се признаваат социјалните и економските слободи кои се осигурани за нејзините граѓани.

Дипломатите од земјите на таканаречната „либерална демократија“ наведуваат дека кинеската дефиниција на правото е „приширока“ и дека „игнорира“ некои аспекти како што се слободата на говорот која е клучна според дефиницијата на човековите права која ја усвоија Обединетите нации.

Проблемот со човековите права е едно од најчувствителните прашања во односите меѓу САД и Кина. Вашингтон редовно ги обвинува кинеските власти за кршење на човековите права. Кинеското министерство за надворешни работи, како одговор, повеќепати ги повика американските власти за кршење на човековите права да се занимаваат во својата земја и да не се ставаат во улога на „меѓународен арбитер“, мешајќи се во внатрешните работи на други земји. Од пред неколку години објавува свој годишен „Извештај за човековите права во САД“.