Кина ветува зајакнување на вложувањата во Патот на свилата

Кинескиот претседател Кси Џинпинг вети во неделата јакнење на вложувањата во кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“, на почетокот од големиот економски форум во Пекинг на кој сенка фрли новото севернокорејско лансирање на проектил и неуспешните преговори со европските претставници.

Дополнителни 100 милијарди јуани, или 14,5 милијарди долари во новиот кинески Пат на свилата, најавен првпат кон крајот на 2013 година, вети кинескиот претседател Кси Џинпинг. Според процените станува збор за вкупно 124 милијарди долари за амбициозниот план „Пат на свилата“ со кој би се создал пат на мирот, инклузивност и слобода на трговија и повика на „напуштање на старите модели засновани на ривалитет и дипломатски игри“.

Планот предвидува изградба на мрежа од автопати, железници, пристаништа, цевководи и електрични централи коишто би ја поврзувале Кина со земјите во централна и југоисточна Азија, на Блискиот исток, Европа и во Африка.

„Денеска се формира мултилатерална, мултидимензионална инфраструктурна мрежа, којашто се потпира на економски коридори, како што се кинеско-пакистанскиот економски коридор, кинеско-минголскиот-руски економски коридор и новиот евроазиски економски коридор“, рече Кси во воведниот говор.

 

Најави, исто така, дека Кинеската банка за развој и Кинеската банка за извоз и увоз ќе вложи 380 милијарди јуани во проектите од оваа иницијатива. Кина, исто така, ќе понуди 60 милијарди јуани помош на земјите во развој кои се опфатени со иницијативата.

Дводневниот самит е најважен дипломатски настан оваа година, нагласуваат западни медиуми. „Би требало да изградиме отворена платформа за соработка и да поддржиме развиена светска економија“, истакна Кси.

Меѓутоа, сенка на големиот собир, кој собра претставници на повеќе од сто земји меѓу кои и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, фрли Северна Кореја со утринското лансирање на балистичките проектили, што се толкува како знак на пркосење на Кина којашто е единствениот сојузник на комунистичкиот режим во Пјонгјанг, но бара од него зауздување на тамошната нуклеарна и ракетна програма.

Севернокорејската делагација учествува во работата на форумот во Пекинг, но веднаш предизвика критики од САД за нејзините нуклеарна и ракетна прогрми.

Истовремено, почетните разговори на високо ниво за трговското вмрежување на форумот предизвикаа отпор од европските челници, според европски извори кои ги брифираат западните агенции.

Членките на Европската унија нема да ја потпишат заедничката изјава за трговија на форумот, бидејќи според нив Кина не покажала волја да ги земе предвид нивните причини за загриженост во поглед на транспарентноста, јавните конкурси и меѓународните стандарди во сферата на социјалната заштитеа и заштитата на природната околина, рекле изворите.

Кси во говорот истакна дека кинескиот проект на новиот Пат на свилата е добар за сите страни. Со иницијативата „не се сака да се измисли тркалото“, рече кинескиот претседател, туку да ги опфати развојните планови на другите држави.

Кина потпишала договори за соработка со повеќе од 40 земји и меѓународни организации во разговорите пред одржувањето на форумот. А во последните неколку години, во тие земји вложила повеќе од 50 милијарди американски долари, потсети Кси.

По Кси, говори одржаа рускиот претседател Владимир Путин, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш.

Повеќето западноевропски земји ги испратија министрите или други пониско рангирани функционери, бидејќи имаат дилеми во поглед на споменатата кинеска иницијатива, која ја критикуваат и поради наводниот недостиг од формална структура.