Кина за две години открила и ликвидирала дваесеттина агенти и извори на CIA

Кина убила или затворила 18 до 20 извори и агенти на американската Централна разузнавачка агенција (CIA) во периодот од 2010 до 2012 година, загрозувајќи ги американските шпионски операции во големиот разузнавачки продор чиешто потекло не е познати, пишува саботното издание на весникот The New York Times, за кого официјално двете американски агенции се воздржале од коментари.

Кинезите убиле најмалку десет луѓе кои давале информации на CIA во споменатиот период, разорувајќи ја мрежата создавана со години. Еден од нив бил убиен пред очите на своите колеги во двор на една од владините агенции, тврди весникот, повикувајќи се на три извора, велејќи дека тоа требало да претставува порака за другите за работењето во полза на Вашингтон.

Истрагата е поделена околу тоа дали постоел шпион во самата CIA кој ги издал изворите или Кинезите го хакирале тајниот канал за комуникации на Агенцијата, рекле за NYT поранешни и сегашни американски разузнавачи.

Овој продор се смета за особено штетен поради големиот број изгубени извори кој е еднаков со оној во некогашниот Советски сојуз и во Русија кога изворите исчезнувале откако Москва добила информација од шпионите Олдрич Ејмс и Роберт Хансен, се тврди во написот. Првиот дејствувал во 1980-те, а вториот од 1979 до 2001 година.

Кинеските активности започнале во 2010 година кога американската шпионска агенција добивала информации со висок квалитет за кинеската влада од извори сместени длабоко во кинеската бирократија, вклучително и за проблемите со корупцијата на владата во Пекинг, изјавиле за весникот четири поранешни функционери. Информациите почнале да пресушуваат кон крајот на истата година, а изворите почнале да исчезнуваат на почетокот од 2011 година.

Тогаш CIA и FBI започнале заедничка истрага за случајот, а истрагата се водела под називот „Honey Badger“. Според еден од изворите на весникот, истрагата се водела од една тајна канцеларија во Северна Вирџинија. Некои од иследниците биле уверени дека Кинезите го пробиле комуникациските извори на CIA, додека другите сметале дека им „крт“ во Агенцијата.

Во наредниот период, како што пишува весникот, кругот на осомничените се стеснил на еден човек, поранешен службеник на CIA од одделот за следење на активностите во Кина. Сепак, не било можно да се соберат доволно докази за тој да биде уапсен. Според, изворите тоа лице сега живее во друга азиска земја.