Македонија

Кинески компании заинтересирани за изградба на инфраструктурни проекти

Кинески компании заинтересирани за изградба на инфраструктурни проекти

Министерот за транспорт и врски, г-дин Миле Јанакиески, денес оствари работна средба со претставници на Кинеската меѓународна асоцијација за градежништво, предводена од заменик претседателот г-дин Чи Чангај, како и со претставници на повеќе кинески компании заинтересирани за изградба на инфраструктурни проекти во делот на патната и железничката инфраструктура.

На средбата, министерот Јанакиески ја изрази својата благодарност за соработката која Владата на Народна Република Кина ја остварува со Владата на Република Македонија во поглед кон зајакнување на билатералните односи и ја предочи нашата цврста определба за јакнење на економските односи со Кина кои се од стратешки карактер за прогресот на македонската економија во целост.

Министерот Јанкиески, ги потенцираше добрите политички односи кои се силна гаранција за промоција на билатералната економска и трговска соработка, притоа истакна дека Кина е економски активна во Централна и Источна Европа, и ние како држава сме спремни да ги искористиме сите отворени можности за понатамошна соработката со Кина во областа на патната инфраструктурата, железницата, енергетиката, и во други области и стратешки гранки на македонското стопанство.

DSC_0437

Од страна на Чангај, беше изразена досегашната добра соработка помеѓу институциите на Република Македонија со кинеските компании кои веќе се присутни во нашата земја, и изрази задоволство со интенција истата да продолжи и во следниот период.

Имајќи ги во предвид, стратешките определби на Кина кои се повеќе се насочени кон Европа, а Македонија се наоѓа на трговската патека, на логистичката патека на стока која доаѓа од Кина кон Европа, нашиот интерес е очигледен за сите круцијални проекти кои се поддржани од страна на заинтересираните кинески компании, потенцира министерот Јанакиески.

На средбата се разменија мислења и информации за поголем број на инфраструктурни проекти и опциите и перспективите за нивна понатамошна имплементација.

Беше потенцирано, дека Република Македонија е прв корисник на финансиските средства од пакетот- алоцирање на 10 милијарди долари како поддршка на интенциите на Народна Република Кина за зајакнување на економската соработка со земјите од Централна и Југоисточна Европа.

Исто така, министерот Јанкиески, потенцираше дека Република Македонија ги поддржува сите мерки и проекти со кои ќе се овозможи подобар и побрз економски развој и сме подготвени како држава да бидеме најсигурен партнер на Кина од овој регион, а потврда за тоа се кинеските компании кои се веќе во Македонија, кои почнаа на терен да ги градат двата автопати “Гоце Делчев” од Миладиновци до Штип и “Мајка Тереза” од Кичево до Охрид, како и набавката на новите патнички гарнитури и новите 202 автобуси произведени од страна на кинеска компанија.

Притоа, на средбата се истакна дека сите се добредојдени да инвестираат во Република Македонија и тоа е врвен приоритет во работата на Владата на Република Македонија за привлекување на странски инвеститори.

Нашата цел е во иднина да продолжиме со промовирање и јакнење на можностите за инвестирање, да бидеме целосно отворени за кинеските компании и на тој начин да го привлечеме и интензивираме максимално продуктивниот дух на стопанската соработка меѓу двете земји и во Кина целосно гледаме моќна економска држава која има големо учество во диктирање на економските текови на светско ниво, подвлече Јанакиески.

Средбата се одржа во Министерството за транспорт и врски во атмосфера на взаемно разбирање, дискутирање и промовирање на идните планови и проекти.