Кинески облакодер оди на интернет наддавање

Доколку ви е потребен облакодер, еден таков од 39 ката наскоро ќе биде понуден на интернет аукција од страна на кинеското правосудство со почетна цена од 553 милиони јуани, или 71 милион евра.

Зградата којашто е висока 156 метри, со вкупна површина од 76.000 квадратни метри, се наоѓа во градот Таијуан, во покраината Шанкси, на северот од Кина.

Градилиштето е отворено во 2006 година како инвестиција на локалната компанија „Jinhao International Hotel Limited Company“, но градежните работи се запрени во 2010 година поради недостиг од пари, откако грубите работи биле довршени. Хотелот кој требало да се наоѓа во облакодерот никогаш не ги отвори своите врати, според судот во Шанкси, чиешто соопштение го цитира новинската агенција Xinhua.

Облакодерот и околниот терен, поради тоа, ќе бидат понудени на јавно наддавање на 2-ри јануари на главната кинеска трговска онлајн страница Taobao, главната платформа на локалниот лидер во интернет тргувањето Alibabа.

Судот објави фотографии на паркингот во подземјето на облакодерот, слабо осветлен, како и правливи катови на коишто е нафрлан градежен материјал.

Во ноември судот во покраината Жеџјанг понуди зграда од 28 катови на наддавање за 218 милиони јуани. Меѓутоа, никој не даде понуда.