Кинескиот амбасадор изрази поддршка за двата најзначајни инфраструктурни проекти

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски денеска оствари работна средба со амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија Н.Е Вен Џеншун.

Како што информираат од министерството, на средбата министерот Владо Мисајловски и амбасадорот Вен Џеншун размениле мислења и информации за прогресот на изградбата на давата автопати “Гоце Делчев” од Скопје до Штип и “Мајка Тереза” од Кичево до Охрид. И двете страни изразиле недвосмислена поддршка за реализација на овие два најзначајни инфраструктурни проекти во Република Македонија. Особено потенцирале дека во текот на градежната сезона максимално ќе се засилат градежните активности на двата автопати.

Исто така на средбата се размениле и информации за набавката на  новите патнички возови кои се очекуваат да пристигнат оваа година.

На средбата, министерот за транспорт и врски ја изразил својата благодарност за поддршката која Владата на Народна Република Кина ја дава на Владата на Република Македонија во поглед кон зацврстување на билатералните односи со фокус на економските односи кои се од стратешки интерес за прогресот на македонската економиија.

Министерот Мисајловски ги потенцирал добрите политички односи кои се силна гаранција за економската и трговска соработка и истакна дека НР Кина има важна улога во развојот на регионот посебно во делот на патната и железничката инфраструктурата,  енергетиката итн.

-Република Македонија е активен поддржувач на економските политики што ги спроведува НР Кина а доказ за тоа е  присуството на кинеските компании што работат во Република Македонија. Сите компании се добредојдени да инвестираат во Република Македонија иувери дека силната поддршка на Владата на Република Македонија за странските инвеститори и понатаму останува на истиот курс. Нашата цел е во иднина да продолжиме со промоција  и јакнење на политичките и економските односи и на можностите за зголемување на трговската соработка меѓу двете земји, истакна Мисајловски.