Македонија

Кинескиот пазар подостапен за македонските компании

Кинескиот пазар подостапен за македонските компании

Македонски компании кои имаат интерес за настап на кинескиот пазар од денеска можат, преку Стопанската комора на Македонија, да побараат директна поддршка од Деловниот совет во кој членуваат и стопанските комори на Албанија, БиХ, Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка, и Словенија.

Ова го порача потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиева од првиот инаугуративен состанок на Советот во Катовице, Полска, пренесува МИА

– Деловниот совет ќе им го олесни пристапот на компаниите до пазарите во Кина преку заеднички настапи и соработка со фирмите од сите 16 земји од Централна и Источна Европа, нагласи Георгеива.

Во своето излагање, Георгиева додаде целта на Комората годинава ќе биде да воспостави врски и да ја подобри економската соработка меѓу претпријатијата, коморите и другите јавни и приватни организации од деловниот сектор на Кина, да го искористи членувањето во Деловниот совет како платформа за размена на информации во врска со активностите на членките за поттикнување на инвестициите и трговијата со Кина, да се залага за добри практики во економската соработка меѓу македонските и кинеските компании, да организира заедничка промоција и соработка за развој на трговските врски меѓу Македонија и Кина, да се вклучи во економски проекти што претприемачите од Кинаможат да ги спроведуваат  заедно со другите земји на Централна и Источна Европа, да организира стопански форуми за време на редовните состаноци меѓу претседателите на владите на Кина и на земјите од Централна и Источна Европа и да учествува на саеми и на други настани од областа на стопанството.