Кинескиот технолошки гигант Tencent по вредноста го надмина Facebook

Кинескиот технолошки гигант „Tencent“, чијашто дејност меѓу другото опфаќа и социјални мрежи и видео игри, достигна пазарна вредност од 531 милијарда американски долари, со што ја надмина глобално популарната „Facebook“.

Компанијата е послабо позната надвор од Кина, а на домашниот пазар е напрепознатлива по апликацијата за бесплатни повици и испраќање мултимедијална содржина WeChat, којашто, исто така, бележи значаен пораст како платформа за плаќање.

Акциите на компанијата вброени на берзата во Хонгконг оваа година двојно ја зголемиле својата цена, а заработките од нив редовно ги надминуваат очекувањата.

Во „Tencent“ вложиле и значителни средства во индиската платформа за услуги во треспортот Ola, којашто во октомври објави дека собрала вкупно 1,1 милијарда долари свеж капитал за проширување на работењето. Освен „Tencent“, од позначајните вложувачи се споменува и јапонската банка „Softbank“.

Претседателот на управата на кинески „Tencent“, Мартин Лау, тогаш изјави дека со вложувањата во Ola, неговата компанија ќе стане дел од брзорастечкиот сектор на услуги за нарачка на транспорт во Индија.

Со вредноста од 531 милијарда долари, „Tencent“ во моментов е една од петте највредни компании на глобално ниво. Ја надминува, на пример „Facebook“ чијашто вредност се проценува на 519 милијарди долари. Но тоа и натаму е многу помалку од водечкиот „Apple“, чијашто пазарна вредност изнесува 873 милијарди американски долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.