Свет

нов повод за американско-кинеска трговска војна Кинескиот вишок во трговската размена со САД скокнал во првиот квартал

Кинескиот вишок во трговската размена со САД скокнал во првиот квартал
Гао Фенг, портпарол на кинеското министерство за трговија, © AP Photo / Mark Schiefelbein

Кинескиот суфицит во трговската размена со САД скокнал во првите три месеца од годинава за 19,4 отсто во однос на истиот период минатата година, објави во петокот кинеската трговска управ.

Во првото тримесечје од годинава вишокот изнесувал 58,3 милијарди американски долари, покажуваат официјалните кинески податоци. Кинескиот извоз во САД притоа пораснал за 14,8 отсто на годинишно ниво, достигнувајќи 99,9 милијарди долари. Вредноста на увозот, пак, растела малку побавно, за 8,9 проценти, на 41,7 милијарди долари.

Се очекува дека зголемувањето на суфицитот дополнителни ќе ги зголеми тензиите во односите меѓу двете водечки економии на светско ниво, коишто минатата седмица разменија закани со воведување царини во вредност од неколку стотици милијарди долари.

Така, американската влада минатата седмица објави список од кинески производи, вклучително и машини и лекови, коишто би можеле да бидат царинети поради наводно кинеско крадење на интелектуалната сопственост, во износ од 50 милијарди долари. Кина возврати со сопствена листа, во споменатиот износ, наведувајќи ги како потенцијални цели на нејзините царини американските производи како што се автомобилите, сојата, авионите…

Поради тоа, Белата куќа започна да ги разгледува можностите за отштети за американските земјоделци, особено на одгледувачите на соја коишто во Кина извезуваат околу третина од производството. Потоа американскиот претседател Доналд Трамп се закани и со дополнителни царини на кинескиот увоз во вредност ос 100 милијарди долари.

Доколку Вашингтон и Пекинг ги остварат своите закани, воведувањето на новите царини ќе потрае најмалку два месеца, што значи дека нивното влијание ќе биде видливо врз податоците од трговијата дури во втората половина од годинава.

Независниот кинески економист Ху Ксингдо истакнува дека во тој период кинескиот суфицит во размената со САД би можел да се намали без оглед на царините, наведувајќи ја како причина промената во трговските односи меѓу двете земји.

„Царините би можеле да го намалат американскиот дефицит во размената со Кина кој се мери во милијарди, но нема премногу да влијаат врз кинеската економија“, тврди Ху. Според неговите процени, американското воведување царини во вредност од 150 милијарди долари би ја намалило стапката на кинескиот економски раст за 0,6 до 0,8 процентни поени.

На почетокот од оваа седмица се појавија сигнали дека двете страни би можеле да започнат преговори откако кинескиот претседател Кси Џинпинг во вторникот го скицираше „планот од четири точки“ за либерализацијата на клучните стопански сектори, како што се индустрискиот и финансискиот сектор, како и странските вложувања. Кси вети дека ќе ги намали царините на автомобилите, велејќи дека Кина посакува урамнотежена трговска размена.

Американскиот претседател Донал Трамп возврати дека е „многу благодарен за добрите зборови од кинескиот претсеател Кси за царините и пречките за автомобилите… Заедно ќе оствариме одличен напредок“, порача Трамп.

Во четвртокот кинеската влада појасни дека ветувањето на Кси за отворањето на кинеската економија не било упатено на САД, туку дека станува збор за постара стратегоја којашто би требало воопштено да биде во полза на кинеската економија. Портпаролот на кинеското министерство за економија Гао Фенг изјави дека функционери од двете земји преговарале за трговските тензии. „Американската страна не покажа искрена поготвеност за преговори“, тврдеше.