Македонија

Кинѕинџер: На Македонија местото и е во НАТО, Грција да престане да ја попречува

Кинѕинџер: На Македонија местото и е во НАТО, Грција да престане да ја попречува

НАТО треба да има дискусија за начинот на кој ги носи одлуките, и да ја разгледа можноста за носење одлуки без согласност на една земја членка, за да се спречи идното блокирање на проширувањето како во случајот на Грција кон Македонија, смета американскиот конгресмен Адам Кинѕинџер, еден од 40-те потписници на писмото за поддршка на приемот на Македонија во НАТО, пренесе МИА.

„Мислам дека во НАТО треба да има дебата околу начинот на носење одлуки. Понекогаш сме како Обединетите нации, кога една или две држави ќе ги блокираат сите други да не можат да дејствуваат во хуманитарни или безбедносни ситуации. Честопати сум исфрустриран кога гледам дека од 28 сојузници, една земја членка ќе блокира одлуки и не спречува да одиме напред, вклучително и во проширувањето на НАТО. Проблем е што е потребен консензус на сите и за да се прифати носењето на одлуки по принципот 28 минус еден. Ова ќе биде тешко да се усвои, но јас ја поддржувам таа идеја, бидејќи НАТО мора да биде флексибилен, а сега за жал поради тесните интереси на некои држави премногу наликува на Обединетите нации“, изјави Кинѕинџер во интервју за Македонската радио-телевизија.

Конгресменот е републикански претставник од Илиноис и е член на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом и на групата за пријателство со Македонија. Тој вели дека целта на писмото упатено до државиот секретар на САД Џон Кери била Стејт департментот да ја разбере важноста од проширувањето на НАТО. Писмото бараше прием на Македонија и Црна Гора во НАТО, како и придвижување на Босна, Грузија и Косово кон Алијансата.

„Време е НАТО да продолжи со проширувањето. Македонија е совршен партнер на Алијансата и се надевам дека на претстојниот самит во Кардиф Македонија ќе стане членка на НАТО“, изјави Кинѕинџер.

Во меѓувреме, во Претставничкиот дом на САД веќе 20ина дена кружи нова резолуција поттикната од грчкото лоби во САД, со која се обвинува дека Македонија ја прекршила Времената спогодба од 1995 година, и се заканува на грчката територија. Резолуцијата бара македонското членство во НАТО и во Европската Унија да се разгледа дури откако ќе биде постигнато взаемно прифатливо решение за спорот за името. Резолуцијата досега нема добиено поддршка од ниту еден конгресмен, со исклучок на двајцата етнички Грци во Конгресот Гас Билиракис и Џон Сарбанес, и секако предлагачката Керолин Мелоуни, која претседава со групата за пријателство со Грција.