Кипар ќе стане опасна зона доколку џихадистите тргнат кон Либан

Кипар се наоѓа во опасна зона доколку џихадистите се насочат кон Либан и затоа земјата треба да соработува за да се неутрализира заканата од групата Исламска држава, изјави кипарскиот министер за надворешни работи Јоанис Касулидис во интервју за весникот „Катимерини“, пренесува МИА.

Дојде часот кога на испит треба да се стави геостратешката улога на Кипар како „преден ешалон“ на ЕУ и Западот во источниот Медитеран, посочува шефот на кипарската дипломатија.

Тој појасни дека Кипар ја презел обврската да укаже помош во обуката на либанската армија, која е симбол за единството и независноста на земјата.

– Се менува соодносот на силите во источниот Медитеран и на Блискиот Исток и перспективата за искористување на енергетските извори  во регионот создаваат погодна почва за развој на тристраната соработка меѓу Грција, Кипар и Египет, кон која може да се приклучи и Израел, со кого бележиме напредок во продлабочувањето на стратегиската соработка, рече Јоанис Касулидис.