Кипар нова база за руските воени бродови и авиони

Владите на Кипар и Русија потпишаа договор со кој им се овозможува на руските воени бродови да впловуваат во кипарските пристаништа.

Договорот во Москва го потпишаа претседателите на Русија и Кипар, Владимир Путин и Никос Анастасијадес, за време на работната посета на шефот на кипарската држава во рускиот главен град во работна посета.

Договорот меѓу двете земји доаѓа во време на крајно затегнати односи меѓу Москва и Западот, околу украинската криза, како и во услови на санкции од САД и ЕУ кон Русија и на воинствената антируска реторика на НАТО и посебно на официјален Лондон.

На Кипар уште од времето на колонијализмот има две воени бази на британската војска, а Велика Британија пред два дена најави дека во следните недели ќе испрати во Украина свои војници кои ќе се вклучат во обуката на украинските воени сили.

Анастасијадес во Москва изјави дека Кипар, иако е член на ЕУ, се противи на санкциите кон Русија, нагласувајќи дека проблемите не се решаваат со воени средства и санкции, туку со дипломатија и преговори.

Рускиот претседател Путин, пак, изјави дека пријателските врски меѓу Русија и Кипар не се насочени против никого.

– Ниту една друга земја не треба да биде загрижена поради овој договор. Главната цел на договорот е да се користат кипарските пристаништа за борба против тероризмот и пиратството -рече Путин.

Кипарскиот претседател откри дека двете земји преговараат и за договор со кој ќе им се дозволи на руските воени авиони да ги користат базите на Кипар за „хуманитарни мисии и цели“.