Кипарскиот претседател Анастасијадис победи на изборите

© AP Photo / Petros Karadjias

Актуелниот кипарски претседател конзервативецот Никос Анастасијадис повторно е избран на должноста откако во неделата доби повеќе гласови од кандидатот на левицата Ставрос Малас, откако вети дека ќе започне преговори за обединување на медитеранскиот остров поделен меѓу грчката и турската заедница од 1974 година.

Седумдесет и едногодишниот кандидат на десноцентристичката партија DIKO Никос Анастасијадис освоил 55,99 отсто од гласовите, додека Сраврос Малас, кого го кандидираше левата партија AKEL, освоил 44,01 отсто од гласовите на изборите на коишто одѕивот изнесувал 73,97 отсто од вкупно речиси 550-те илјади гласачи на Кипар. Toa e многу пониско отколку кога Кипраните во 2013 година го избираа претседателот – 83,14 отсто, но е повеќе отколку на последните парламентарни избори во 2016 година кога гласале 66,74 отсто од избирачите.

Анастасијадис и на минатите претседателски избори во 2013 година беше во трка со Малас, поранешен министер за здравство кој го поддржуваат комунистите, и тогаш убедливо победи.

Главна тема во предизборната кампања во оваа мала островска медитеранска членка на Европската унија беше поделеноста повеќе од четири децении. Република Кипар, кој е членка и на еврозоната, се простира на две третини од островот, додека на преостанатата третина на југот постои Република Турција Северен Кипар, заедница на кипарските Турци којашто ја признава само Турција.

Анастасијадис вети дека повторно ќе ги започне преговорите за обединување доколку биде одново избран. Себеси си ја припишува заслугата за брзото закрепнување на финансиската криза од 2015 година. Невработеноста падна од 16 отсто во 2014 година на 11 отсто кон крајот на 2017 година, а економијата бележи раст. Меѓутоа невработеноста и натаму е третата највисока во ЕУ, а меѓу младите изнесува дури 25 отсто, додека економското закрепнување аналитичарите го оценуваат како релативно. Неговите критичари го обвинуваат дека бил преблаг во преговорите со Турците.