Кирацовски: До ДИК се доставувани нецелосни списоци за вработените во јавниот сектор

Дополнителниот заменик-министер за информатичко општество Александар Кирацовски денеска обвини дека Министерството за информатичко општество во минатите два изборни циклуси доставувало до Државната изборна комисија списоци од вработените во јавниот сектор во кои не биле внесени повеќе илјади лица.

Од овие списоци, како што појасни Кирацовски, ДИК треба да избере членови во општинските изборни комисии и избирачките одбори, кои го спроведуваат гласањето и бројат гласови.

– Во минатото оваа законска обврска се извршувала по незаконски принципи. Ова се аргументите за малверзации во списоците со вработени во јавниот сектор, што ова Министерство ги доставувало до ДИК во претходните два изборни циклуса, изјави Кирацовски.

Според него, ова ги засилува сомнежите дека за изборните циклуси во 2013 и 2014 година е извршена селекција кои вработени ќе ги достави до ДИК.

– Регистарот по закон мора да биде база на веродостојни податоци за бројката на вработени во јавниот сектор. Само од него може да произлезат точни списоци за ДИК. Ако ова не се направи, на списокот со вработени што од ова министерство законски треба да се достави до ДИК, јас ќе ставам вето, најави Кирацовски.