Кираџиите во државните станови ќе може да ги откупат

Граѓаните кои сега плаќаат кирија за живеење во државните социјални станови, со новото законско решение на Владата ќе добијат можност да ги откупат станови.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески објаснува дека Владата се одлучила на ваков чекор поради големиот интерес на корисниците на социјални станови да ги откупат домовите за кои сега плаќаат кирија. Јанакиески објаснува дека парите од продажбата на становите ќе бидат искористени за изградба на нови социјални станови.

„Лицата корисници на овие станови можат да поднесат барање за купување на станот до АД за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, по истекот на закупничкиот период  кој не може да биде пократок од пет години… Лицата кои не ги исполнуваат условите за откуп на овие станови ќе продолжат да ги користат со плаќање на закупнина, чија цена зависи од висината на вкупните приходи на семејството кое живее во станот, односно доколку имаат пониски приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат социјална закупнина од 15-20 денари по метар квадратен или пак доколку имаат повисоки приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат закупнина од 60-85 денари по метар квадратен, во зависност од локацијата на станот“, вели министерот Јанакиески.

Лицето кое сака да го откупи државниот стан треба да исполнува неколку услови меѓу кои: да нема долг по основ на закупнина, никој во семејството да нема куќа или куќа за одмор или деловен простор во нивна сопственост или да не се корисници на друг стан или деловен простор во државна сопственост и  лицето, неговиот брачен другар и членовите на неговото заедничко домаќинство да не примаат поголем доход од 100 отсто  просечна плата.

На продажбата ќе се најдат вкупно 850, од кои само 300 во Скопје и Велес.