Спорт

Кире Лазаров преку ракометен камп ќе го пренесува своето знаење на најмладите

Кире Лазаров преку ракометен камп ќе го пренесува своето знаење на најмладите

Најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров, преку својата официјална веб-страница, го обелодени стартот на нов проект – Ракометниот камп “Кире Лазаров” кој годинава ќе се одржи за прв пат, во Охрид во периодот од 22 до 28 јуни.

Членот на Барселона постигнал договор со агенцијата за спортски маркетинг, консалтинг и менаџмент “КМГ Спорт”, да биде нејзино заштитно лице, а КМГ Спорт да биде организатор на овој камп. Идеајата е овој камп да стане традиција и да се одржува секое лето, помагајќи им на младите да навлезат во тајните на ракометната игра, предводени од советите на најдобриот македонски ракометари.

“Овој камп ќе биде несомнено мојата најдобра спортска инвестиција. Подготвен сум да одвојам време, подготвен сум цело мое знаење и искуство стекнато во текот на кариерата да го пренесам на младите во мојата Македонија. Зошто ракометен камп? Затоа што на младите ракометари, а и оние кои сѐ уште не се гледаат во него им треба надоградба, квалитетно школување, спортска култура, начин на исхрана, спортска психологија, квалитетен тренинг, а сѐ со цел да прераснат во врвни ракометари кои во иднина со гордост ќе го носат дресот со националните обележја. Покрај спортските тренинзи, на кампот ќе има многу дружење и забава. Ќе се потрудам во Охрид да ги донесам најдобрите и најголемите ракометни имиња кои им се идоли, но и од кои нашите момчиња и девојчиња ќе имаат што да научат”, вели Лазаров.

lazarov

Деталите околу начинот на кој може да се биде дел од кампот на капитенот како и условите под кои може да се стори тоа, ќе бидат објавени дополнително. Истото се однесува и на локацијата каде што ќе работат младите таленти под будното око на најдобриот македонски ракометар на сите времиња.