Македонија

Кисела Вода апелира за косење на нараснатата вегетација

Кисела Вода апелира за косење на нараснатата вегетација

Во насока на отстранување на опасноста од пожари, имајќи ги предвид актуелните високи температури, општина Кисела Вода апелира до сите свои жители, сопственици на дворови, ниви и неизградено градежно земјиште во приватна сопственост, истите да ги уредат, т.е. да ги искосат нараснатите тревни површини, израснатите грмушкасти растенија кои претставуваат потенцијална опасност и за нив, но и за целата околина.

Високите температури кои се најавени и за периодот што следува, значат зголемена опасност од пожари, па превентивно делување, коe секако подразбира и совесно однесување на секој поединец, жител и сопственик на приватен имот на оваа територија, каде општината нема ингеренции да интервенира, се неопходност.

Во контекст, на истото, покрај косењето на нараснатата вегетација, општина Кисела Вода, потсетува и на другите неопходните мерки за намалување на опасноста од настанување на пожари на отворен простор-да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, да не се палат стрништа, земјоделски и други површини, да не се фрла стакло, стаклени шишиња и друг стаклен отпад, да не се врши палење на отпад и друг горлив материјал, да не се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња.

Воедно, општина Кисела Вода врши косење на нараснатата тревна вегетација на јавните површини низ сите месни и урбани заедници, каде што има законска надлежност да ги изведува овие активности. Во моментов се уредуваат тревните површини на трим патеката во Кисела Вода, се работи во месната заедница 11 Октомври-бараки, каде веќе се уредени површините околу комплексот игралишта, а активностите продолжуваат до булеварот “Србија”. Во текот на вчерашниот ден отпочна акција за косење и во селото Драчево, каде се работеше на потегот до Три Круши, каде ќе се работи и денес и во текот на утрешниот ден.

Сезонските работници ангажирани од општината, преку  Секторот за Месна самоуправа и соработка со невладин сектор, работат со тримери поделени во неколку групи и ќе ги продолжат своите активности и во сите останати месни и урбани заедници ширум општината.