Кисела Вода додели 60 ваучери за новороденчиња

Нови 60 семејства од Кисела Вода со принова, денес добија еднократна парична помош од општината. Ваучерите во вредност од 6000 денари кои градоначалникот на општината Билјана Беличанец Алексиќ денес ги доделуваше по осми пат, на месечна основа, значат скромен поттик и стимул за семејствата сериозно да размислуваат и да се одлучат за зголемување на бројот на деца.

„Живееме  во време кога сите заедно мораме да размислуваме за опстанокот на нашата нација, да размислуваме како ќе се справиме со намалувањето на наталитетот со кој секојдневно се соочува нашата држава. Семејството е основна клетка за градење на едно здраво општество. Семејството е главниот столб за опстанокот на еден народ, на една нација“, истакна Беличанец-Алексиќ.

Таа ги повика сите родители кои ги исполнуваат критериумите заедно со барањето да достават лична карта или друг документ за лична идентификација, извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциона сметка. Рокот за поднесување на барањата е 90 дена од моментот на раѓање на детето.

„Сакам да испратам јасна порака дека Општина Кисела Вода се грижи, и понатаму ќе продолжи да се грижи за своите најмали жители. Имено, овој проект во Програмата од социјалната сфера на Општина Кисела Вода ќе се запази се до крајот на мојот мандат“, порача градоначалникот Беличанец – Алексиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.