Кисела Вода прати шлепер хуманитарна помош за Србија и Босна

Голем шлепер полн со хуманитарна помош синоќа тргна од општина Кисела Вода кон собирниот пункт на Црвениот крст во Момин Поток од каде ќе се упати кон поплавените подрачја во Србија и Босна и Херцеговина, кон загрозените семејства од кои претрпеа огромни штети од поплавите. Масовен беше одзивот на жителите на општина Кисела Вода вчера од 10 до 18 часот, во општинската сала и во сите 15 месни заедници каде што се  донираше храна, облека и обувки, бебешка храна и пелени, вода и сето она што сметаа дека може да им помогне на  погодените од поплавата.

Во хуманитарната акција „Да подадеме рака “, беа собрани приближно 450 пакети со вода,  100 пакети детска храна, голем број на пакети со пелени и конзервирана храна, 50 ќебиња и јоргани, 150 пакети за лична хигиена,многу облека и обувки…

Учествуваа преку 100 волонтери кои се одзваа на повикот на оптина Кисела Вода и помогнаа со собирањето и товарењето на пристигнатата помош.

На лична заложба на градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ, направен е договор со повеќе  компании кои делуваат на подрачјето на општина Кисела Вода за нивно вклучување во акцијата и од нив пристигна хуманитарна помош во големи количини.

„Здравје Радово“ донираше 120 литри сокови, „БТА компани“ донираше 6 пакети со облека, донираше и „Бати и Дивајн“ и тоа 250 килограми  брашно, 10 пакети минерална вода, голема количина на средства за лична хигиена, од групацита НАТУРА пристигнаа 310 килограми јаболка, а се очекува да пристигнат и донациите од другите компании.

Сите граѓани кои имаат желба и можност да донираат тоа можат да го сторат и во наредните денови. Помошта треба да се достави до Црвениот крст на Македонија, од каде апелираат дека потребни се уште  вода, конзервирана храна и средства за лична хигиена, додека облека, сега за сега, има доволно.