Китаровиќ: Повлекувањето на хрватскиот амбасадор од Белград е избрзан потег

Владата на Хрватска смета дека е несфатлив ставот на претседателката Колинда-Грабар Китаровиќ, која во интервју за „Јутарњи лист“ изјави дека повлекувањето на хрватскиот амбасадор од Белград бил избрзан потег, јавува Танјуг.

Изјавата на хрватската претседателка е по повод неодамнешните случувања што ги заострија односите меѓу Србија и Хрватска, но и откако доби пораки за привразност кон добрососедски односи од претседателот на Србија Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ, на кои одговори во истиот дух.

– Сметам дека повлекувањето на амбасадорот на консултации во Загреб беше избрзан потег. Требаше да се поднесе протестна нота и јасно да се осуди постапката на министерот Александар Вулин и на Војислав Шешељ – истакна Китаровиќ.

Хрватската влада одговори дека за нив е нејасен ваквиот став на претседателката, со оглед на тоа дека таа не се однесувала на премиерот Зоран Милановиќ.

„Што се однесува до нас. Владата во целост стои зад министерката за надворешни работи Весна Пусиќ, која одлучи да го повлече амбасадорот Горан Маркотиќ на консултации во Загреб, изјави висок претставник на хрватската влада“, пишува „Јутарњи лист“.

Според хрватската Влада повлекувањето на амбасадорот во дипломатска смисла претставува порака кон Србија дека нивните претставници изнеле неприфатливи оценки за Хрватска.

Станува збор за изјава на српскиот министер Александар Вулин во која го обвинува хрватскиот премиер Зоран Милановиќ дека не се грижи за злосторствата извршени над Срби, а хрватскиот генерал Анте Готовина го нарекува усташки злосторник.