Ќе биде презентирано првото поле со сончоглед одгледувано со систем капка по капка

На 7 август (четврток) 2014 во 11 часот на полето на Ферхан Биберовиќ во Горно Оризари, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси ќе ги презентира иницијалните резултати од првото поле со сончоглед во Македонија наводнувано со систем капка-по-капка.

На опитното поле од еден хектар се очекуваат приноси од околу 5 тони, четири пати повеќе од националниот просечен принос од 1,2 тони по хектар.

Квалитетот на сончогледот е исто така значително подобрен во споредба со насадите кои не се наводнуваат, а со тоа се гарантираат и повеќе од двојно поголема откупна цена. Системот капка-по-капка беше поставен на опитното поле во јуни оваа година со донација од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси.

За Македонија да ги задоволи своите потреби и да го замени увозот на сончоглед со домашно производство, доволно е просечните приноси да се зголемат за само 70%, од 1,2 тони по хектар на 2,1 тони по хектар. Системот капка-по-капка е ценовно најефикасниот начин за зголемување на приносите затоа што драстичното подобрениот квалитет и квантитет дозволуваат системот да се отплати за само една сезона.