Ќе се градат 19 мали хидроцентрали

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска потпиша договори со 12 концесионери за изградба на 19 мали хидроцентрали. Вредноста на еднократниот концесиски надоместок е околу 150 милиони денари.

Договорите ги потпишаа министерот Нурхан Изаири и претставници на концесионерите. Концесијата е на 23 години, односно три години период за изградба и 20 за користење на малите хидроцентрали. Мали хидроцентрали ќе се градат на реките Ехлоечк , Смиљанска, Падалишка, Рибничка, Конска, Ковачка, Крапска, Тополка, Брегалница, Клепалска, Беличка и Железна, пренесува МИА.

– По завршувањето на евалуацијата и усвојување на Извештајот на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија за 80 мали хидроелектрични централи, Владата донесе одлуки за избор на најповолни понуди доделување концесија за користење на вода и изградба на мали хидроелектрични централи на 33 локации. Министерството склучи 12 договори со избраните понудувачи кои во предвидениот рок ги имаат исполнето сите услови предвидени со тендерската документација и одлуката, со кои се опфатени 19 мали хидроелектрични централи, истакна Изаири.

Со изградбата на овие мали хидроцентрали, според него, ќе се обезбедат дополнителни 20 MW електрична енергија од обновливи извори.

Во име на концесионерите Предраг Чеверикиќ претставник од Хидроген енерџи груп информира дека компанијата ќе инвестира 5 милиони евра во четири мали хидроцентрали.

– Се надеваме, барем досега во овие 280 дена, откако бевме избрани, без никакви проблеми успеавме да ги прибавиме сите документи, а очекуваме дека така и ќе продолжиме и за неколку месеци ќе почнеме со изградба, рече Чеверикиќ.

Тој очекува дека овој период следната година ќе почнат со производство на зелена енергија.

Ова е шести тендер за изградба на мали хидроелектрични централи за еколошко производство на струја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.