Ќе се градат нови 120 социјални станови

Владата на Република Македонија со низа мерки и проекти им помага на лицата во социјален ризик трудејќи се да ја подобри нивната положба. Социјалните станови се еден од овие проекти.
Лицата од социјален ризик во следните неколку месеци ќе може да се стекнат со можност да го решат своето станбено прашање. Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор е во завршна фаза од изградбата на три станбени социјални згради лоцирани во Демир Хисар, Ресен и Прилеп.

-25 стана со вкупна површина од 1059 метри квадратни во Демир Хисар, 18 станови со површина од 695 метри квадратни и 76 станови со вкупна површина од 3221 метар квадратен во Прилеп ќе им бидат на располагање во следните неколку месеци на граѓаните од социјален ризик, изјави за Индекс на Радио Слободна Македонија, директорот на претпријатието Цветко Грозданов.

Досега на овој начин згрижени се 1700 семејства. Во иднина акционерското друштво планира изградба на социјални станови и во Македонски Брод, таму планот е 10 станови со вкупна површина од 422 метри квадратни. Станбена зграда со социјални станови предвидена е и во Гостивар на површина од 2883 метри квадратни односно 70 станови и во Кочани ќе се градат 43 станови на површина од 1685 метри квадратни.

Проценките се дека изградбата на овие станови ќе биде завршена кон крајот на 2016 година.

За овие и становите кои се веќе изградени во Демир Хисар, Ресен и Прилеп процедурата за доделување се подготвува во надлежното министерство.

-Она на што ќе работиме во идниот период е и изградба на административна зграда на претпријатието на локација близу новата зграда на министерството за надворешни работи. Во однос на комерцијалните станови ќе градиме објекти на две локации во општина Карпош и на една локација во Центар кај старата воена пекара. Она што е важно да се спомене е дека на моменталната локација каде се наоѓа претпријатието, на местото на сегашните бараки заедно со инеститор ќе градиме две згради со енормно висок квалитет, вели Грозданов за Индекс.

Пред две недели премиерот Груевски на народниот собир во Штип најави изградба на нови социјални станови.

-Во овој регион во Штип досега изградивме и предадовме на семејствата 91 социјален стан и опремивме 40 стана за деца без родители, а во Берово изграден е 51 социјален стан. Оваа година планираме да се започне со изградба на нови социјални станови во овој регион, и тоа во 48 стана во Пробиштип, 39 во Виница, во Пехчево 34, во Свети Николе 54 и во Кочани 43 стана. Тоа е нашата борба за секое семејство.  Во овој регион се легализирани и над 16 000 дивоградби од кои над 6500 само во Штип, истакна Груевски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.