Македонија

Ќе се градат пет најсовремени плажи во Охрид

Ќе се градат пет најсовремени плажи во Охрид

Охрид ќе добие пет најсовремено уредени плажи.Истите ќе бидат уредени по највисоки стандарди, со сите можни содржини за забава и рекреација.

По неодамнешниот работен состанок со претставници од Министерството за транспорт и врски и од Министерството за одбрана како и со претставници од Капетанијата, градоначалникот Никола Бакрачески објави дека веќе се утврдени локациите за модерните плажи.

-Таа што ќе биде кај постоечката плажа Љубаништа и другата на потегот кај Лагадин ќе бидат во должина од 500 метри. Една од тие модерни плажи ќе биде лоцирана помеѓу каналот Студенчишта и хотелот Парк во должина од 700 метри. Современо уредена плажа ќе има и кај месноста Даљан односно кај актуелниот извиднички центар. Петата уредена плажа ќе се наоѓа на територијата на општина Дебрца односно ќе се гради кај месноста Подмоље, објаснил градоначалникот Бакрачески

Градот Охрид ќе стопанисува со плажите а дел од комерцијалните објекти ќе се издаваат под закуп.

-Ние како општина Охрид изготвивме акциони планови за спроведување на овие проекти и ги предадовме во Министерството за транспорт и врски по што истите ќе бидат елаборирани на владини седници и врз основа на тие акциони планови понатака ќе ја водиме целосната постапка до нивно реализирање. Наредната година треба да се објави тендер за дел од овие плажи и најголем дел од нив треба да бидат завршени до 2017 година, додадал градоначалникот.

Се работи за најсовремено решение за градба на плажи по теркови кои што и во овој момент постојат во најпознатите светски туристички дестинации. Една од плажите во Дојран во моментов е уредена на таков начин.

Со оглед на тоа што Охридското Езеро е многу атрактивно и водата во него дава услови да се вршат некои измени во тие основни проекти кои што ги видовме на Дојранско Езеро, се очекува охридските плажи да бидат многу убави и привлечни за посетителите.