Ќе се гради автопатот кој ќе ја поврзе Албанија со Македонија

Албанскиот премиер Еди Рама е во официјална посета на Кина, на покана на кинескиот премиер Ли Кечијанг, со кого разговарал и за изградба на автопатот кој ќе ја поврзе Албанија со Македонија.

– Кина и Албанија ќе работат заедно на големи проекти, особено промовирајќи ја изградбата на автопат кој ќе ги поврзе Албанија и Македонија, изјави премиерот Ли, објави кинеската агенција Синхуа.

Кабинетот на албанскиот премиер најави дека за време на посетата Рама ќе потпише договор за развој на пристанитето Шенѓин за следните 25 години.

На почетокот на 2014 година делегација на кинеското Министерство за трговија, задолжена за Европа, го посети пристаништето, кое со својата длабочина е поволно за прием на големи товарни бродови, за да се запознае со можностите за конкретни инвестиции.

Проектот предвидува да се изгради еден километар од пристаништето со капацитет од 60 милиони тони стока и прикотвување на бродови до 500 илјади тони. Албанија се надева дека од Шенѓин ќе направи пристаниште кое ќе го опслужува целиот балкански регион. Инвестицијата за овој проект се проценува на околу 2,2 милијарди евра. Претходната Влада на премиерот Сали Бериша во неколку наврати ова пристаниште на Јадранско Море ветуваше дека ќе му го отстапи на Косово.

Премиерот Рама, покрај другото, денеска се очекува да се обрати на Светскиот економски форум кој се одржува во Тианјин, источна Кина, додека в четврток ќе одржи предавање пред студентите на Универзитетот за финансии и економија во истиот град.