Ќе се гради пат до Еврејските гробишта во Штип

Во Штип ќе се гради пат до Еврејските гробишта, а ќе биде завршена и конзервацијата и реставрацијата на овој споменик на културата заштитен со закон.

Меморандумот за изградба на патната инфраструктура денеска го потпишаа министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Ориан, градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев и претседателот на Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија, Пепо Леви, пренесува МИА.

Канчевска-Милевска истакна дека Општина Штип до крајот на август ќе го изгради патот што води до Еврејските гробишта, ќе спроведе електрична енергија со што ќе се создадат услови за поставување сигурносни камери и осветлување, а ќе се обезбеди соодветна чуварска служба.

– Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, од своја страна ќе спроведе неколку активности кои ќе го ревитализираат локалитетот како што се: поставување на две влезни капии, поставување на бекатон – мал плоштад и соодветни патеки, изградба на споменик, поставување на камери, и оградување со метална ограда, рече Канческа-Милевска.

Потсети дека Министерството за култура преку надлежната установа, Завод за заштита на спомениците и музеј Штип на Еврејските гробишта веќе изврши валоризација на оваа споменична целина, се изготви Основен проект по кој во 2010 и 2011 година се реализираа конзерваторски работи и други активности.

– Тие беа насочени кон чистење на теренот, пробивање на технички пат до локацијата по што се започна со изградба на опколен ѕид со источна и западна порта. Беа конзервирани 25 гробни места од различен тип, а подоцна поради оштетување, беше извршена и реконзервација, рече министерката.

Канческа Милевска додаде дека Министерството за култура преку Завод и музеј Штип, согласно овој Меморандум, ќе ја доврши конзервацијата на преостанатите 20-тина гробови од Еврејските гробишта, согласно проектот усвоен од Управата за заштита на културното наследство и издаденото конзерваторско одобриние, во согласност со Законот за заштита на културното наследство. Со тоа целосно ќе биде завршен процесот на конзервација и реставрација на Еврејските гробишта и тие ќе бидат подготвени за презентација пред јавноста за што следната година ќе бидат издвоени 500.000 денари.

Израелскиот амбасадор Ориан истакна дека ова е прв чекор и според него е историски ден.

– Важноста не се состои во тоа што постои волја и пари за да се работи на Еврејските гробишта. Тоа е важно секако, но многу поважно е она што го прават живите луѓе за починатите. Гледајќи во минатото даваме јасна изјава за иднината, а тоа е најважната работа. Ние мора да се сеќаваме на она што се случило во минатото, рече Ориан.

Претставникот на Еврејската заедница, Пепо Леви истакна дека Штип е повторно зад своите 535 Евреи кои беа депортирани во злогласниот логор Треблинка.

– Градот Штип и Република Македонија не дозволија да бидат заборавени 7.400 Евреи депортирани во логорот на смртта Треблинка. Градот Штип секоја година се враќа на спомените од далечната 1943 година, која уништи 98 отсто од еврејската популација во Македонија, рече Леви.

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев истакна дека обврските кои ги имаат како општина за овој проект ќе ги реализираат до крајот на месец јули, ќе го асфалтираат патот, а ќе обезбедат и осветлување за Еврејските гробишта.

– Мислам дека се она што го прави Владата на Република Македонија, Министерството за култура заедно со она што значи и ангажман на Еврејската заедница и самата држава Израел ќе направиме навистина нешто многу добро за зближување на двете земји денеска, рече Захариев.