Ќе се гради затвор само за педофили

Затвор во кој казна ќе издржуваат само педофилите најверојатно ќе се гради во Македонија. Ова засега е само идеја која се разгледува, но директорката на Управата за извршување на санкции, Лидија Гавриловска смета дека ваков затвор е потребен во земјава.

Таа вели дека оваа опција се разгледува и се утврдува дали истата е во согласност со стандардите на ЕУ. Исто така се анализира како овој систем функционирал во останатите земји.

Гавриловска лично смета дека лицата осудени за педофилија треба да бидат одвоени и казната да ја издржуваат во посебна установа.

-Овие лица би требало да се одвојат, за да може тимот што ќе работи со нив да се специјализира, како и за да се зголеми безбедноста на овој вид затвореници, вели таа.

Гавриловска додава дека во затворите се преземаат општи активности и се работи според психичко-социјална програма за третман, меѓутоа ресоцијализација за овие престапници нема.

-Нивната состојба не претставува болест, која може да се лекува за во иднина да не го повторат делото. За нив педофилијата е сексуална ориентација, вели таа.

Во земјава казната за ваквите криминални дела изнесува во просек од пет години до доживотна казна затвор, во зависност од тежината на делото.

Во македонските затвори моментално казна затвор за полов напад врз малолетник издржуват 155 лица, а 80 од нив се осудени за полов напад врз малолетно лице помало од 14 години. Едно лице пак, е осудено на доживотна казна затвор и остатокот од својот живот ќе го мине зад решетки.